Македонија е најбезбедна од земјите на Западен Балкан, со скок од 97 места во 2017 година и четири позиции повисоко рангирана од лани. Или, според Глобалниот индекс на мир (GPI – Global Peace Index), годинава сме во друштвото на 36 најбезбедни држави во светот, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот фејсбук профил.
Проценувајќи неколку аспекти на мирот, вклучително општествена безбедност, напиша тој, Глобалниот индекс на мир е корисна алатка за анализа до каде сме стигнале во нашите заложби.
– И ако се навратиме на 2017 година, од кога нашата држава бележи континуиран напредок на листата на најбезбедни држави во светот која секоја година ја прави Институтот за економија и мир, не може, а да не ги реафирмираме трите важни приоритети кои ова раководство на Министерството за внатрешни работи ги постави пред себе: професионализација, департизација и декриминализација. Според нивната тежина, тоа беа најважните суштински прашања со цел да се врати чувството на безбедност и сигурност кај граѓаните и, секако, довербата во институцијата. Горд сум на реформите што ги направивме. Горд сум и на резултатите на полицијата. Нејзината ефикасност во сите области на безбедноста од година во година бележи напредок, што беше потврден и во годинешниот Извештај за напредок на ЕК, особено во имплементацијата на Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, во борбата против трговијата со дрога, во донесувањето стратешки документи од областа на граничното управување и миграцијата, напредок и во унапредувањето на капацитетот за финансиски истраги, како и во меѓународната полициска соработка, напиша Спасовски.
Континуираниот напредок на државата според Глобалниот индекс на мир колку што е резултат на спроведувањето на поставените приоритети на ова раководство, подвлекува министерот Спасовски, подеднакво е заслуга на вработените во институцијата која претставува гарант на безбедноста и сигурноста, но и на вас, граѓаните.
– Без вашата поддршка, без партнерството кое го воспоставивме со вас, резултатите немаше да бидат ни толку брзи и евидентни, ниту континуирани, порача министерот за внатрешни работи Спасовски.
Денес, пишува Спасовски на фејсбук, полицијата е во служба на граѓаните, МВР е една од најтранспарентните институции со најголема доверба врз релевантни истражувања.
– Како земја членка на НАТО, земја која ги почна преговорите со Европската Унија, промотор за мирот и стабилноста во регионот, но и чувар на просперитетот и сигурноста на граѓаните, наша обврска е да продолжиме да ја унапредуваме полицијата, бидејќи безбедноста е основа за функционирање и просперирање на секоја демократска држава, објави Спасовски.
Секој еден Македонец во дијаспората е важен за нас: Во Берн издадовме 2.445 пасоши
За време на работната посета на Швајцарија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја посетил и македонската Амбасада во Берн, при што остварил средба со амбасадорот Кенан Рамадани и министерот советник во амбасадата Мелехат Муфтаровска.
Како што напиша на фејсбук Спасовски, бил информиран дека во изминатиот период само во Берн се издадени вкупно 2.445 патни исправи преку заедничкиот проект на МВР и МНР отпочнат на 01.10.2021 година, а во врска со поднесување барања за издавање на патни исправи преку базните станици во дипломатско-конзуларните претставништва.
– Заклучно до денес, издадени се вкупно 17.650 патни исправи на наши граѓани во странство преку дипломатско-конзуларните претставништва, што претставува сериозно кратење на времетраењето на процедурите, намалување на гужвите по управните служби, но и трошоците за граѓаните, односно сега процедурата трае од 15 до 30 дена, споредбено со неколку месечното чекање што беше пракса во минатото, пред отпочнување на проектот, објави Спасовски на неговиот фејсбук профил.
На средбата амбасадорот Рамадани презентирал дел од предлозите и предизвиците со кои се соочуваат нашите исселеници во Швајцарија.
– Како МВР продолжуваме да го слушаме гласот на секој еден, бидејќи, секој еден Македонец во дијаспората е важен за нас, со уверување дека целта на ваквите средби со наши исселеници, како што беше и вчерашната во Тринген, е да се иницираат и забрзаат веќе отпочнатите активности за подобрување на условите на нашите граѓани во државите во кои живеат, напиша на фејсбук министерот Спасовски.