Претседателот на Владата Оливер Спасовски во видео-честитката по повод празникот Христово воскресение – Велигден до припадниците на православната верска заедница и до клирот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија,  истакнува дека оваа година еден од најсветлите празници ги минуваме во изолација како подвиг на секој од нас пред искушенијата, кои на светско ниво ги донесе оваа пандемијата и здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19.

-Велигден е празник, кој го означува крајот на патувањето низ страдањата Христови и со кој ја славиме победата над смртта. Неретко се поставувало прашањето „Зошто Синот Божји дозволил да биде погубен и распнат?“. Но, токму воскресението и победата над смртта е Христовиот одговор на ова прашање како потврда за љубовта кон човекот. Затоа од нас годинава се очекува да ја совладаме нашата себичност, да понесеме саможртва за доброто на сите и овие денови да ги славиме во кругот на домот за да се заштитиме себеси и ближните. Во мирот и спокојството на домот да победи животот и да преминеме во нова иднина, истакнува во честитката премиерот Спасовски.

Претседателот на Владата во честитката нагласува дека празникот во  себе носи и солидарност и сострадание со другите и дека за да се справиме со овие предизвици и да ги ублажиме последиците неопходни се токму сочувство и солидарност од секој еден од нас.

-Велигден е и празник на надежта. Годинава се соочуваме со непознат и моќен непријател, кој ги искушува нашиот и животите на нашите блиски. Но, верувам дека од празникот со кој го славиме спасението сите ќе излеземе посилни и подобри. Во овие мигови на искушенија нека Божјиот благослов, преку празникот, ни даде добро здравје и духовна сила. Христос воскресна! Навистина воскресна! Останете дома, порачува премиерот Спасовски во честитката по повод Велигден.