Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој денеска се врати на работа по оздравувањето од инфекцијата со Ковид-19 за попладне во 14 часот закажа седница на Управувачкиот комитет којшто ќе го разгледа Акцискиот план подготвен од Главниот штаб по прогласувањето на кризната состојба, а во којшто ќе бидат наведени сите активности коишто ќе бидат преземени.
Во неговото прво појавување во јавноста за ТВ 24 денеска изјави дека одговорноста е најважна во борба со вирусот и почитување на мерките и оти мора во секој момент да имаме на ум дека со тоа се помага и на здравствените работници.
-Размислував како и оваа битка да ја добијам и оваа битка е многу добро животно искуство и со таа помисла со позитивна мисла со помош на лекарите и поддршка од семејството во ниту еден момент не помислив на друго, освен да заврши битката и да се вратам на функцијата, рече Спасовски.
Според него, психолошкиот момент е најважен во борба со болеста, а лекарите ја имаат најголемата заслуга во борбата против вирусот. Потенцираше дека на Инфективната клиника е невидена пожртвуваност на пациентите и апелираше до сите да бидат совесни и да ги почитуваат здравствените работници кои се борат за секој живот на клиниките и за да опстои здравствениот систем.
Во врска со акцискиот план, Спасовски рече дека кризната состојба се прогласува за да може преку системот за управување со кризи да се стават во функција сите државни ресурси и ресурсите на трговските друштва, практично сите ресурси на државата во борба со пандемијата. Одлуките кои значат рестрикции, рече, не доаѓаат по автоматизам со прогласување на кризната состојба, туку Владата носи одлуки за рестрикции врз основа на Законот на заштита на населението и препораките од Комисијата за заштита од заразни болести.
-Кризната состојба не значи дека во целост ќе се смени нормалниот живот на граѓаните, туку да ги искористиме сите капацитети и ресурси, нагласи Спасовски.
Потенцираше дека денеска во 14 часот закажал Управувачки комитет на кој ќе се разгледа акцискиот план кој што го подготви Главниот штаб со кој раководи директорот на Центарот за управување со кризи и во него ќе се наведат сите активности кои ќе бидат превземени. Армијата ќе работи заедно со полицијата како нејзина поддршка.
-Врз основа на проценката што ќе се направи од Главниот штаб, се прави акциски план во рок од 24 часа од прогласувањето на кризната состојба и сите активности кои треба да бидат преземени од кој било надлежен државен орган се става во тој план, рече Спасовски.
Главниот коодринатор во ситуацијата е Главниот штаб за управување со кризи, а координацијата се прави помеѓу МВР и Армијата затоа што станува збор за заштита на безбедноста и јавниот ред и мир.
-Може да имаме мешани патроли кои ќе постапуваат меѓутоа полицикските овласувања се исклучиво во надлежност на МВР затоа што и во кризна состојба најважно е демократското уредување и демократските принципи и вредности да бидат зачувани. Полицијата во овој момент за справување со кризата од Ковид-19 е максимално ангажирана со сите свои капацитети и ресурси, покрај редовните активности на Министерството, рече Спасовски.
Во контекст на корона-кризата, нагласи дека во изолација во моментот се 17 572 лица и во последните 24 часа има 801 лице кои се нови во изолација и 68 лица кои потпишале изјави за самоизолација и сите се контролирани од полицијата дали тие се придржуваат кон тоа. Се работи активно, рече и со Државниот пазарен инспекторат и со другите инспекторати дали се почитуваат мерките за лична заштита. Покрај ова во сите сектори има планови за контрола дали граѓаните ги почитуваат мерките, во однос на носење маски, каде во последните денови има намалување на бројот на лица на кои им се изречени санкции.
-Полицијата и понатаму ќе остане на терен максимално посветена на почитувањето на мерките и секако ќе се изречуваат казни за оние кои не ги почитуват. Ова не е насочено против кој било поединец или граѓани, туку кон заштита на животот и здравјето на граѓаните. Тоа е наша обврска, рече Спасовски и го повтори апелот до граѓаните за почитување на мерките за заштита од Ковид-19.
Тој кажа дека досега 356 припадници на МВР се инфицирале од коронавирусот, што земено од почетокот на кризата досега е процентуално, вели, многу помалку во однос на вкупните бројки за населението. Тоа говори, според него, за почитување на мерките во полицијата и е добро за одржување на нејзината оперативност.