Бројот на задоволни граѓани од работата на полицијата е значително зголемен во однос на резултатите од 2017 година и изнесува 55 отсто, а целокупната доверба во полицијата е 53 отсто, соопшти денеска министерот Оливер Спасовски.
Тоа е зголемување од седум отсто во однос на испитувањето во 2017 година, кога изнесувало 46 отсто, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење за демократско полициско работење за 2019 година спроведено од агенцијата Рејтинг, а за потребите на ОБСЕ, што денеска беа презентирани во Скопје.
Според ова истражување, спроведено од 13 до 30 септември со 2.600 испитаници „лице во лице“ во домот на испитаникот, како и со 511 полицајци по случаен избор, што се спроведува на две години, осум од 10 испитаници се чувствуваат безбедно во соседството.
Министерот за внатрешни работи Спасовски во обраќањето потенцира дека одговорноста на институцијата ја потврдуваат преку воспоставување стандарди и процедури за работа кои се во рамки на владеење на правото, додека транспарентноста преку навремено и објективно информирање на граѓаните.
– Полицијата секојдневните задачи може максимално успешно да ги извршува само ако ужива доверба. Отсуството на легитимитет, значи отсуство на доверба, неприфатеност и отпор кон полицијата. Оттаму, за нас од извонредно значење е да ги следиме ставовите на граѓаните за работата на полицијата. Ние сакаме да ги слушнеме и да одговориме на она што ни го кажуваат луѓето, да работиме постојано на развивање на капацитетите за навремено идентификување на проблемите и изнаоѓање заеднички решенија на локалните проблеми, рече Спасовски.
Тој истакна дека довербата во полицијата е клучна во процесот на развивање на демократска полициска служба, која во центарот на своето постапување ги става заштитата на човековите права и слободи.
– Ако се има предвид дека со истражувањето се опфаќаат корпус на прашања кои се однесуваат на чувството на безбедност кај граѓаните, искуствата на граѓаните со полиција кога самите биле жртви на кривични дела, искуствата на граѓаните од контакти и комуникација со полицијата, задоволството од работата на полицијата и чувството на доверба во полицијата, како и прашањата за еднаков третман на граѓаните, за родова еднаквост во полицијата, за корупцијата, за поознавањето на полициската работа и за општата слика за полицијата, ценам дека истото создава исклучителна можност за анализа на имиџот и статусот што го има полицијата во нашето општество, рече министерот Спасовски.
Тој уште еднаш ги истакна заложбите за целосна посветеност на потребите на граѓаните, а таа определба на МВР се заснова на важечката правна рамка, како и на организациската структура на Министерството и посветеноста на МВР за развивање на транспаретна и услужна организација која во центарот ќе го постави човекот, човековите права и слободи и владеењето на правото.
Џеф Голдстајн, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје посочи дека интензивно соработуваат и го поддржуваат МВР да гради современа, демократска и професионална полициска служба, која може да одговори на безбедносните закани и кон потребите на граѓаните.
– Сите знаеме дека довербата на граѓаните во институциите во државава не е на високо ниво и тоа не е без одредени причини. Во мисијата на ОБСЕ во Скопје ние се обидуваме да ги поддржуваме напорите на Владата во насока на реформирање на јавните институции за да работат поефикасно и да доставуваат подобри услуги за граѓаните, истакна Голдстајн.
Резултатите од истражувањето за 2019 година во споредба од претходните истражувања, особено од 2017 година, укажа тој, со цел да се идентификува напредокот на демократското полициско работење и да се утврдат прашањата кои налагаат поголемо внимание, покажуваат меѓу другото дека има позитивни моменти, како што е поголемиот процент на граѓани кои се задоволни од работата на полицијата, особено кај албанската заедница.
Презентирајќи ги резултатите од истражувањето, Никола Спасов, директор на агенцијата „Рејтинг“ меѓу другото се осврна на прашањето до граѓаните за тоа што е приоритетно за подобрување на полициските услуги, 21 процент сметаат дека е уште поголемо присуство на терен и еднаков однос на полицијата кон сите граѓани.
На прашањето дали сметатате дека во полицијата постои корупција односно колку се согласувате со ставот дека во полицијата постои корупција, како што презентираше директорот на „Рејтинг“, 52 проценти во 2017 година сметале дека во полицијата постои корупција, додека во 2019 година истото мислење го делат 48,4 отсто од испитаниците, што е подобрување за речиси четири процентни поени.
– Ова е подобрување, но мора да се каже дека процентот за перцепција за постоење на корупција е основниот проблем и би рекол негативен имиџ на полицијата, на кој треба да се работи, рече меѓу другото Никола Спасов, директор на агенцијата „Рејтинг“.
За да биде комплетна информацијата за ова истражување, треба да се додаде дека сопственикот на агенцијата Рејтинг е син на Ѓорѓи Спасов, поранешен висок функционер на СДСМ и актуелен поддржувач на политиките на оваа власт.