Во државата одговорност мора да има за секој, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во коментар на случајот за написите за рекет од страна на лица кои се објавуваат под псевдоними.

– Сакам да ве уверам и вас и јавноста дека се што ќе биде побарано од Министерството од страна на Обвинителството кое вчера информираше дека е отворен случај, ние ќе бидеме тука за да можеме да ги обезбедиме сите материјални докази и да се расчистат сите овие случаи. Тоа е добро, да имаме отварање на каков било случај, не само од новинари и институции, туку и од граѓани. Се со цел, сите заедно да се вклучиме масовно во борбата против криминалот и корупцијата, како едни од најголемите болести на општеството, рече министерот.

Тоа се болести, додаде, што ги уништуваат перспективите и работните места.

-Затоа што корупцијата е нешто со кое нема напредок. Мора да и се застане на патот, без разлика од каде доаѓа. Посебно на корупцијата од високите структури во власт, поранешна власт, секаде. Заради тоа што на тој начин се праќа јасна порака дека во државата одговорност мора да има за секој. Без разлика дали е на функција или е обичен граѓанин, нагласи Спасовски.

Криминалот не познава политички партии, националности, верска припадност и слично, рече Спасовски.

– Едноставно имате луѓе кои се чесни, одговорни, но  и луѓе кои ги прекршуваат нормите на државата. Ние мора да отвориме една беспоштедна борба против криминалот и корупцијата, изјави Спасовски, одговорарајќи на новинарско прашање околу последните обвинувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ,  дека „власта ги апси нивните видни членови од раководството, за да ги покрие своите лоши политики“.

Наша обврска и задача, рече, е да се бориме против криминалот и корупцијата.

– Имаме низа случаи што значат справување со криминал и во рамките на институциите на системот на сегашни функционери, нагласи Спасовски.

Како што веќе беше објавено, станува збор за обвинувања упатени до сопственикот на 1 ТВ Бојан Јовановски, кој во синоќешното обраќање во врска со случајот посочил дека се препознал во написите со „кодни имиња“ Коки, Роки, Мики и слично.