Министерството за внатрешни работи располага со сопствен сервис за возила, но поради немање услови, мораше на тендер да се изберат компании кои што ќе ги сервисираат возилата, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски, одговарајќи на прашање зошто додека бил министер во МВР возниот парк се сервисирал во локален сервис за возила во село Теарце, а не во сервисот на МВР.
Посочи дека МВР во негово време трошела само половина од сумата што претходно се давала на одржување на тие возила.
– Многу интересно прашање. Точно е дека МВР има сопствен сервис, односно имало сопствен сервис и во времето на режимот во тие 11 години во тој сервис има само зграда во која што немаше ништо. На основа на тоа беа направени услови, што значеа дека мора на тендер да се изберат компании кои што ќе ги сервисираат возилата, изјави Спасовски.
Упати на тоа да се земат сите податоци од МВР, за тоа колку биле паричните средства за сервисирање на возилата во 2014, 2015 и 2016 година и колку парични средства се трошат 2017, 2018 и 2019 година.
– Ќе видите дека тоа е половина од сумата што претходно се трошела на одржување на тие возила. Второ зајакната се капацитетите на тој сервис во МВР и многу од поправките се извршуваат и тука, истакна Спасовски.
Во однос на тоа колку возила се поседуваат и колки полициски службеници се, посочи дека тоа се класифицирани податоци што не се споделуваат со јавноста.