Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски смета дека не треба да биде дел од новото раководство на партијата.
Тој вечерва во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 изјави дека во новиот тим на СДСМ треба да бидат нови луѓе кои имаат енергија и една поинаква визија и кои се граделе и растеле со партијата.
– На новиот претседател треба да му се даде можноста, како што ја презема одговорноста да биде лидер и да ја предводи партијата, да му се даде полно право во изборот на неговиот тим. Тој избор треба можеби да го направи од нови луѓе и затоа сметам дека не треба да бидам дел од новиот тим се со цел да не го обременуваме ниту претседателот, ниту неговиот тим, рече Спасовски.
Тој истакна дека „Заев се запиша во историјата“.
– Мора да признаеме сите, и тоа е историски факт за сето она што го направи Зоран Заев и како лидер на опозицијата во тој момент, и потоа како претседател на Владата. Направи многу храбри исчекори, се донесоа многу важни одлуки за иднината и за државата. Ми беше чест што бев соработник на Зоран Заев. Секогаш носеше одлуки кои се храбри и визионерски, и коишто не можеа да ги разберат многу од граѓаните, но одлуки кои се покажаа како исправни, рече Спасовски.