Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска преку видео обраќање учествуваше на 8-та Истанбулска конференција за безбедност, во организација на Турско-азискиот центар за стратегиски студии, на тема „Пост-безбедносни дилеми, интеграции, модели и Азија“.
Во обраќањето Спасовски се заблагодари за можноста да ги споделат научените лекции и стекнати искуства во време на, како што рече, најсериозните безбедносни и општествени предизвици со кои се соочува човештвото во изминатите неколку години.
– Денес сме соочени со можеби најсериозниот безбедносен предизвик по завршувањето на Втората светска војна. Отворената агресија на Русија врз Украина и промената на границите во четирите региони на Украина претставува опасен преседан, кој може до непредвидливи граници да ги заостри односите помеѓу државите и да ги разгори и така силните воени дејствија, во кои на крајот, најмногу страдаат недолжни цивили. Целиот демократски свет има обврска да повика на прекин на вооружените дејствија, што поскоро изнаоѓање на решение и запирање на крвопролевањето. Како никогаш порано сме соочени со предизвикот на недостиг на енергенси и на сигурност во непреченото обезбедување на храна и други ресурси потребни за нормален живот, а како директен резултат од војната во Украина, рече меѓу другото Спасовски.
Тој се осврна и на членство во НАТО на Македонија и на почетокот на преговорите за членство во Европската унија.
– Како резултат на мудрата и предвидлива политика, беа решени децениски спорови со соседите, кои македонското општество го оставија настрана од регионалните и светските интеграции, иако геополитичките случувања и безбедносни предизвици никогаш не ја заобиколија нашата држава. Токму сега, во време на сериозна нестабилност на истокот на Европа, можеме целосно да ги почувствуваме придобивките од членството во НАТО и што реално значи да се биде дел од најмоќниот воен и политички сојуз во светот. Нашите граници се безбедни, а заедно со нашите партнери и пријатели ги бараме најдобрите можни решенија за секој безбедносен предизвик, па дури и за енергетската криза и недостигот на ресурси. Размената на квалитетни безбедносни информации и позиционирањето на С. Македонија како релевантен и респектабилен партнер во регионалните и меѓународните безбедносни организации и интеграции, ја прави нашата позиција сигурна, а нашата држава стабилна и безбедна, нагласи министерот Спасовски.
Друг, многу значаен предизвик, кој имаше и сериозни безбедносни импликации, наведе тој, беше пандемијата со Ковид-19. Според него, иако сме во фаза во која болеста е значително потисната, ризиците со кои се соочивме и сѐ уште се соочуваме, само укажуваат на фактот дека се потребни уште многу напори за целосно да се искорени и да се превенира појава на други, нови пандемии.
Истовремено, истакна Спасовски, бевме приморани да се бориме и со пандемијата на лажни вести, популарно наречена инфодемија. Најдобрата одбрана од лажните вести, потенцира, е навременото пласирање на точни информации.
Министерот Спасовски во обраќањето укажа и на неколку значајни безбедносни предизвици со кои се соочуваме како држава, но и како регион во целина.
Посочи дека миграциите, особено нелегалните миграции, сѐ уште се актуелна тема, со која на дневна основа се соочуваат полициските служби во регионот и во Европа.
– Колку и да е контролирана т.н. Балканска рута, низ неа се регистрирани бројни мрежи на организирани криминални групи кои ги користат сите можности за да се стекнат со извонредно големи суми на пари заработени на криминален начин. Мораме да продолжиме како одговорни институции да го градиме капацитетот за одговор на овој сериозен криминал. Мораме да вложуваме во дополнителна обука на органите за спроведување на законот, да продолжиме да инвестираме во материјално-техничките средства, особено во информациските технологии кои може значително да помогнат во контролата и надзорот на границите, порача министерот Спасовски.
Тој го истакна и фактот дека со потпишувањето на оперативниот договор со Фронтекс, очекуваме, рече, Македонија дополнително да ги регулира и прецизира политиките и практиките за заштита на границите и да придонесе кон јакнење на капацитетите за контрола на миграциите, особено на нелегалните.
Информира дека имаме постигнато значителен исчекор кон зајакнато управување со границите и со нерегуларната миграција, што е од заеднички интерес на Македонија, на земјите во регионот, на Европската Унија и на меѓународните организации како УНХЦР, ОБСЕ, ИОМ и други.
Република Македонија и Министерството за внатрешни работи со кое раководам,истакна Спасовски, отсекогаш имале проактивен и отворен пристап, отсекогаш биле и ќе останат активен и кредибилен партнер на Обединетите нации и на УНХЦР, а во однос на Глобалниот пакт за бегалци и Глобалниот пакт за миграција, како прифатени меѓународни инструменти, државата даде и дава силна поддршка.
– Меѓу главните приоритети на МВР во делот на миграцијата е продлабочување и одржување на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит и со земјите на потекло, со агенциите на ЕУ и други релевантни меѓународни организации, како и преку активно учество во бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси, рече министерот за внатрешни работи.
Тој наведе дека се во тек и повеќе проекти со цел натамошно синхронизирање со европските стандарди, не само во делот на управувањето со миграциите, туку и во граничното управување во целина. Изминатава година, посочи, успешно беше финализиран и твининг проектот „Усогласување на националните системи за гранично управување со барањата на ЕУ и Шенген“, во чии рамки е изготвена Националната стратегија за интегрирано гранично управување на Република Македонија, согласно Европскиот концепт за Интегрирано гранично управување.
Македонија, нагласи министерот Спасовски, и натаму останува силен поддржувач на ОН, посветен и одговорен партнер во глобалниот дијалог и силен општо признаен генератор и столб на мирот, стабилноста и безбедноста на Балканот, во Европа, и глобално.
– Голем безбедносен предизвик за сите земји на Балканот и во регионот на Југоисточна Европа е борбата против организираниот криминал и корупцијата. Бројките покажуваат дека токму организираниот криминал и корупцијата во значителен дел ги јадат работните места и економијата. Полицијата и другите органи на прогонот се должни да ги јакнат своите капацитети за брз и енергичен одговор на корупцијата и да ги изведат пред лицето на правдата сите кои се осудиле да понудат или да примат поткуп, или кои се организираат во групи и злосторнички здруженија за да ги злоупотребуваат парите на граѓаните, рече во видео обраќањето Спасовски на 8-та Истанбулска конференција за безбедност, во организација на Турско-азискиот центар за стратегиски студии.
Тој изрази задоволството од спроведените превентивни кампањи за подигање на свеста кај населението, што резултираше, истакна, со сѐ поголем број граѓани во Северна Македонија кои ги пријавуваат овие незаконски активности кај поединци, што е основно за понатамошното гонење и докажување на кривичните дела. Соработката помеѓу одговорните институции, граѓанското општеството и медиумите, оцени Спасовски, е клучна за развојот на добрите практики за борба против организираниот криминал и корупцијата во државата. Потсети дека во октомври оваа година, како министер за внатрешни работи потпиша договор со претседателката на Државната комисија за спечување на корупцијата за соработка и размена на податоци во електронска форма, како и Меморандум за соработка со кој се уредува начинот на соработка, координација и имплементација на заеднички активности за заштита на укажувачите, како ефективна алатка за борба против корупцијата.
– За да имаме реален успех, потребно е да се поврзуваме уште повеќе и заеднички, како безбедносни служби во Европа и во светот, да ги бараме најдобрите можни решенија за одговор на сѐ поголемиот број на добро организирани криминални групи, кои често ги надминуваат границите на континентите, не само на државите. Хибридните закани, особено сајбер криминалот и другите неконвенционални форми на дејствување на криминалните групи, но и заканите од насилен екстремизам и тероризам, се современите форми на безбедносни ризици за кои мора да сме свесни и да го насочуваме вниманието на професионалците, практичарите, но и на научните работници, кои само преку заеднички, интегриран пристап, ќе дадат корисни совети и ќе предложат можни решенија за надминување на овие предизвици, нагласи министерот за вантрешни работи.
Во соработка со нашите партнери од меѓународната заедница, рече, активно работиме за унапредување на борбата против сите незаконити дејствија кои го подриваат демократското општество. Се изготвуваат четвртите по ред Национални стратегии за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот. Претходно прв пат беа донесени Националната стратегија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и Националната стратегија за сајбер безбедност кои заедно со акциските планови веќе ги даваат очекуваните резултати.
Министерот Спасовски се осврна на можните решенија кои ќе придонесат за контрола и спречување на меѓународниот организиран криминал и справување со безбедносните закани во Европа и светот.
– Во суштината на развојот на квалитетни политики и одговор на современите безбедносни дилеми, е зајакнувањето на соработката помеѓу надлежните министерства и служби и продлабочување на интеграциите, во кои ќе се испреплетуваат силните пораки за мир, стабилност, безбедност. Да продолжиме да инвестираме во нашите општества, да продолжиме со поддршката за развој на човечките ресурси и подобрување на материјално-техничките услови за работа, како и на допрецизирање на законските основи и процесните аспекти на гонење на криминалот и криминалните групи и поединци, рече меѓу другото Спасовски
Додаде дека ниту едно општество не е имуно на криминал, ниту пак одредена форма на криминал потекнува и завршува само во границите на една држава или на еден регион.
– Затоа, силно ги поддржувам напорите и идеите за глобален, заеднички одговор во кој сите ќе придонесуваме за побезбедни општества и побезбедни држави, истакна министерот Спасовски.