Новогодишната ноќ помина мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир. Им благодарам на сите граѓани кои прославуваа одговорно и придонесоа новогодишната ноќ да мине онака како што апелиравме и посакувавме, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на првиот ден од 2023 година, при посетата на Мобилната единица за безбедност на сообраќај на патиштата во Петровец.
Тој посочи дека во споредба со минатата новогодишна ноќ, во ноќта што измина имало помалку 30 проценти пријавени настани.
-Во текот на ноќта, имаме вкупно 10 кривични дела, од кои четири се тешки кражби, една во обид. Имаме две насилства и две неовластени производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Две кражби, од кои една, исто така, е во обид. Имаме регистрирани прекршоци од Законот за јавен ред и мир, вкупно 15. Имаме прекршоци од Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, вкупно осум и има 16 сообраќајни несреќи и дополнителни пет други настани кои се пријавени. Ако споредиме со минатата година, тоа е намалување 30 проценти на вкупно пријавени настани, истакна Спасовски.
Тој посочи дека најголем број настани биле пријавени во Скопје, потоа следи Охрид. Во другите градови има многу малку пријавени случаи, а во Велес нема ниту една пријава.