Нека е благословен и за многу години овој голем ден, благослови денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој со владината делегација е на заедничката молитва во Истанбул.
Во продолжение целата објава на Спасовски на неговиот официјален профил на Фејсбук:
Историски настан со кој се исправа долгата неправда над нашата Црква –официјално востановено е канонско единство и враќање на МПЦ-ОА меѓу православните цркви.
Дозволете да го искажам впечатокот од настан којшто се повторува после два и пол века, кога за последен пат сослужувале литургија Македонски Архиепископ и Вселенски Патријарх. Со голем пиетет присуствував на Патријаршиската и Синодална Света Литургија и В. Вечерна на Светиот Дух, заедничко сослужување на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и на прием во Престолната сала во Патријаршискиот храм „Св. Ѓорѓија Победоносец”, во древниот Фанар.
На овој велик ден кога ја чествуваме и Педесетница, слегувањето на Светиот дух на апостолите на педесеттиот ден од Неговото воскреснување, стаса и долгоочекуваниот глас на вистината по кој копнееше секој еден верник на нашата древна црква, Охридската Архиепископија, возобновена во лицето на Македонската Православна Црква.
Со многу молитви, храброст и мудрост до решение на долг и болен раскол. Почит и неизмерна благодарност до Неговата Сесветост Патријархот Вартоломеј, за честа и милоста со која сме удостоени со врачувањето на Синодалниот акт за востановувањето на литургиското општење со Великата Христова Црква , посебна благодарност и за братољубивата расположба на СПЦ за единството и евхаристичкото зближување преку взаемната почит.
Ова е голема радост за македонскиот народ, за сите православни верници кои со своите молитви, жртва и надеж, придонесоа за враќањето на христоносниот народ во Мајката Црква, за прогласувањето на МПЦ-ОА за канонска и валидна во сеправославниот свет.
Исконската љубов на верниот македонски народ е нераскинлив дел од македонскиот идентитет – живот раѓа низ вековите што одминале, ќе живее за навек.
Нека е благословен и за многу години овој голем ден!- пишува во својата објава министерот Спасовски.