Полицијата е на висина на задачата да овозможи демократски гласачки амбиент и слободно изразување на волјата на граѓаните, тајноста на гласот е гарантирана, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата по денешната посета на СВР Штип и локалната самоуправа.
Тој ги информира медиумите дека на средбата со раководството на СВР Штип се разговарало за претстојниот референдум во недела и мерките кои МВР ги презема за се да помине во најдобар ред односно да се овозможи слободно изразување на волјата на граѓаните.
Согласно законите, рече, секаков вид притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран.
– Секој обид за попречување на остварување на правото на глас ќе биде санкциониран, рече Спасовски, додавајќи дека правото на глас е неприкосновено и оти никој не смее да го загрози.
На средбата во СВР Штип се разговарало и за безбедносната состојба на ова подрачје и беше констатирано дека таа е стабилна и се бележи подобрување во работењето.
Во последните три месеци има зголемување на откривачката активност во областа на економскиот криминал, недозволената трговија со дрога и други области. Се разговарало и за состојбите во сообраќајот и мерките и активностите што се преземаат преку континуираните акциски контроли за санкционирање на прекршоците во сообраќајот, но и превентивните активности со цел подигнување на свеста за почитување на сообраќајните правила.
На средбата со градоначалникот на Штип Благој Бочварски била констатирана одличната соработка меѓу МВР и општина Штип, а се разговарало и за дополнително унапредување на таа соработка, особено во делот на сообраќајот и веќе се детализирани и конкретни активности.