Техничкиот премиер Оливер Спасовски вели дека прво треба да се донесат во Собранието сите закони, коишто, како што изјави денеска, се многу битни за граѓаните, па дури потоа да се распушти Собранието и да се оди на избори.
Не сакаше да зборува за формирање евентуално ново парламентарно мнозиство, бидејќи, како што рече, ќе се испочитува договореното, ќе бидат усвоени законските решенија по што ќе се оди на избори.
-Ние мора прво да ги донесеме законите кои се исклучително важни за оваа држава и потоа треба да одиме на избори. Тоа е ставот кој го имаме и како Влада и како партија, од првиот момент до денеска. Така што, сите законски решенија, пред се законот за ЈО кои треба да дадат дополнителни позитивни аргументи во носење на одлуката на Европскиот совет да почнат преговорите со ЕУ треба да биде приоритет на сите политички партии и на секој пратеник во Собранието, рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на студенстскиот дом „Гоце Делчев“.
Тој се уште верува дека тоа и ќе се случи, и оти нема да има повеќе „неразбирливи“ одложувања на седниците на кои тоа треба да биде направено.
-Ние имаме коректни односи со ДУИ и очекувам дека така како што ја започнавме коалицијата така и ќе ја завршиме во однос на овие законски решенија. Затоа очекувам тие да бидат донесени и оти нема да имаме дополнително неразбирливи одложувања за да може да дојдеме до она за што се имаме договорено – да се финализираат овие законски решенија и да одиме на избори, рече премиерот.
Ако дојде до тоа да бидат опструирани решенијата, додаде Спасовски, дури тогаш може да се зборувва за евентуално формирање ново парламентарно мнозинство, можност која вчера ја навести генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски во фејсбук статус на својот профил.
Спасовски не очекува ниедна од политичките партии кои се дел од Владата дека ќе прават промени на законите внатре во Собранието, заради тоа што, како што рече, е усогласен текст кој е поминат на седница на Владата.
Во врска со тоа како ќе пратениците на СДСМ ќе гласаат во однос на распуштањето на парламентот на седницата закажана за в недела, Спасовски истакна дека треба да се почека да се види како ќе се одвиваат работите во собранието.
Премиерот наведе дека Собранието треба да работи по предлог што го достави тој за разрешување на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, што е точка на дневниот ред на собраниската седница закажана за 15 часот и како што вели, таа да се заврши. Повтори дека очекува нов предлог од ВМРО-ДПМНЕ, да се избере нов министер и да се продолжи понатаму во изборниот процес.