Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во вечерашното интервју за Вин-вин на ТВ Телма, околу заминувањето на Никола Груевски во Унгарија каде што доби политички азил, и за пропустите што биле направени во македонските служби, рече дека разузнавањето во изминатите години било кревко и дека затоа направиле негова реформа.
– Во однос на силината на македонското разузнавање, на агенциите кои што работеа, па тие ако беа добри, ние немаше да правиме реформа, ако беа со стручни, компетентни и професионални луѓе. Кога зборувам за службата и затоа се правеше оваа состојба на формирање на агенцијата преку ветинг итн, заради тоа што тие длабоки политички конекции што ги имавме внатре во работењето на таа служба под раководство на Мијалков, сето она што ни го правеа во сите изминати години на нас како држава, покажува дека таа служба беше толку кревка која што можеше навистина да доведе до една таква состојба, оцени Спасовски.
Во однос на службените белешки што се воделе за Груевски, рече дека тоа не се службени белешки кои биле направени за еден или за друг, туку тие се правеле и се прават се уште за процеси за секое лице за кое се водат истраги и се доставуваат повторно до Обвинителството.
– И затоа кога разговаравме за тоа колку пари има Груевски извадено, дали бил известен специјалниот јавен обвинител, да, дали за одредени работи се преземени мерки што биле потребни, да и тоа е направено, зошто тие обвинители не покренале постапки веднаш да реагираат во одреден момент, тука се прашањата на кои треба да добиеме одговор. Затоа го објаснувам целиот овој процес и вие добро знаете кој ги води истрагите и како се водат според законските прописи, истакна Спасовски.
Според него, истрагата треба да докаже преку податоците што се собрани во делот за напуштањето на територијата на Македонија од страна на Груевски.
– Објавата дека тој преминал во Албанија, па со дипломатско возило на унгарската амбасада е отиден во Црна Гора, па оттаму е преземен со друго возило во Србија итн, тоа што се соопштува во јавноста, тоа беа податоци што ги добивме, рече тој.
Вели дека ја разбирам нервозата на граѓаните околу тоа прашање, и оти многу слично гледам на овие состојби.
– Ние имавме држава која систематски се разградува во изминатите 11 години, и во делот на безбедносните служби и во делот на судството и во делот на Обвинителството, и не очекуваме сите ние или не можеме да очекуваме дека во еден период или во една година и половина целиот тој систем ќе биде толку добро консолидиран и ќе покаже резултати, оцени министерот за внатрешни работи.