Референдумот е најзначајниот облик на демократија. Граѓаните одлучуваат и нивниот глас е последен и мора да се почитува. Граѓанска должност е да учествуваме во градењето на македонската иднина и затоа, на 30 септември да излеземе на референдумот и да гласаме ЗА европска Македонија, порача потпретседателот на СДСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска, на средбите со граѓаните од општина Радовиш.

Спасовски на Меѓународниот ден на демократијата зборуваше и за придобивките од влезот во ЕУ и НАТО, а од граѓаните на Радовиш побара да покажат одговорност и самите на 30 септември да одлучат за сопствената, но и за иднината на следните генерации.

На средбите со пазарџиите од Радовиш, Спасовски посочи дека влезот во ЕУ значи и влез на пазар од 500 милиони потрошувачи што ќе значи поголемо производство, поголем извоз и слободен пласман на производите, со што се обезбедуваат повеќе пари и повисок животен стандард за граѓаните.

По средбите со граѓани, Спасовски попладнево ќе учествува на отворена трибина со граѓаните на Радовиш.

МИА