Граѓаните на Македонија очекуваат чистење на криминалот и корупцијата, а од МВР добиваат еколошки информации дека полицијата на чело со министерот Оливер Спасовски го чисти воздухот и животната околина.

Министерот Спасовски денеска на својот официјален профил на Фејсбук објавува за оваа еколошка акција:

– Во периодот од 2017 до јули 2022, со целосната или делумната реконструкција на 75 објекти на МВР ширум државата, во сите СВР, за првпат во историјата од МВР спроведовме мерки за зголемување на енергетската ефикасност, за што од буџетот на МВР беа инвестирани 458.330.439 денари, објави Спасовски.

Тој натаму дополнува:

– Зелената акција која во овие неколку години ја спроведува ова раководство на МВР, е токму во насока на владините приоритети за трансформација на енергетски план и има за цел да ја подигне јавната свест кај институциите, деловните субјекти и граѓаните дека сите можат да придонесат за поголеми заштеди и заедничко менување на енергетскиот профил на државата, но и намалена загаденост на воздухот и зелена околина. Сината униформа дејствува за зелена околина!- објавува Спасовски.

Убава вест е МВР да го чисти и воздухот, а не само криминалот, но сепак МВР не е еколошко друштво ниту пак е Министерство за екологија, повеќе прилега од таму да стигнуваат вести за (не)расчистен криминал, кој исто така ја загадува животната околинаи ги „труе“ граѓаните ништо помалку отколку загадениот воздух.