Волјата на „референдумот на улица“ за францускиот предлог не беше почитувана од власта, исто како што не беше и на официјалниот референдум за смена на името на Македонија, кој од ДИК беше прогласен за неуспешен, а од политичарите за успешен.

Власта исто како и при смената на името, го прифати предлогот, го добивме бугарскиот коњ за Македонија пред вратите на ЕУ, а македонските политичари, и во недела неработен ден, вчера побрзаа да го заверат „подарокот од Софија“. Се сликаа во бугарската престолнина, а утре следува уште поголемо сликање во Брисел.

Македонија утре во Брисел ќе ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ, на која премиерот Димитар Ковачевски на македонски јазик ќе ја прочита отворачката изјава. Веднаш потоа почнува скринингот кој ќе трае година и половина, а по завршување на тој процес, предвидена е следната меѓувладина конференција со која ќе се комплетира фазата на отворање на преговорите за членство, а нејзиното одржување е условено со измените во Уставот.

Во Софија вчера беше потпишан и билатералниот протокол меѓу Македонија и Бугарија, а претходно состанок одржа меѓувладината комисија на која присуствуваа министерите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска.

-Бугарија е државата која најсилно ја поддржува европската интеграција на РС Македонија и Албанија. Им посакуваме успех на патот по кој долго време сакаа да тргнат. Се надевам дека со заеднички напори и со нашата поддршка ќе стигнат онаму каде што граѓаните на С. Македонија најмногу сакаат да стигнат, а тоа е членството во ЕУ, изјави бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска по потпишувањето на билатералниот протокол во Софија.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, нагласи дека ова за нас е историска можност што после 17 години кандидатски статус, Република Македонија добива можност да ги почне преговорите со ЕУ.

-Со ова почнува последната фаза од нашето пристапување во ЕУ. Се надеваме дека билатералниот процес со Бугарија и пристапните преговори ќе овозможат поблиска соработка меѓу нашите две држави. Очекуваме поддршка од Бугарија на овој пат, изјави Османи по потпишувањето на Протоколот.  

Двајцата министри оценија дека е постигнат напредок во работата на петте секториски групи и она што треба да се направи е тоа да се преточи во пракса.

Потпишувањето на протоколот и одржувањето на состанокот на меѓувладината комисија следеа откако завчера предлог-преговарачката рамка на француското претседателство со ЕУ беше одобрена од страна на Владата, по усвојувањето на заклучоците во македонското Собрание по Информацијата по овој документ.

Министерот Османи вчера на брифингот со новинарите во Скопје нагласи дека трите важни прашања за нас и тоа – јазикот, историските прашања да не бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата и да почнат преговорите сега, ги добивме.

-Република Бугарија доби условување на втора меѓувладина конфреренција со уставни измени. Тоа е компромисот, изјави Османи.

Поддршката за евроинтеграцијата на Македонија е составен дел од Протоколот, а тука се појаснува одржувањето на првата Меѓувладина конференија со ЕУ, која во случајот на земјава е поделена на две фази политичка конференција, почеток на процес на скрининг, а потоа и втората конференција и отворање на поглавјата, но откако Македонија ќе ги внесе Бугарите во Уставот. Османи вчера истакна дека скринингот почнува веднаш по Меѓувладината конференција утре.

Република Бугарија изјавува подотвеност да се согласи да се одржи првата политичка меѓувладина политичка конференција со ЕУ со разбирање дека следната меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство ќе се одржи веднаш откако Република Македонија во својот Устав ќе ги вклучи оние нејзини граѓани, кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, каков што е бугарскиот народ, се наведува во Протоколот.

-Согласно францускиот предлог, задутре се одржува меѓувладина конференција, потоа трае скринингот, година и половина, по завршување на скринингот има втора меѓувладина конференција, за неа нема нова одлука на Европскиот совет, туку утре во 18 и 30 се носат одлуки за двете конференции и за првата пред скринингот и за втората по него, со тоа што втората е условена со уставните измени, рече вчера Османи.

Тој нагласи дека дел од други народи, значи истото што го имаат другите заедници, во земјава, односно делот, каде што стои српскиот, влашки, ромски народ…продолжува делот хрватски, црногорски, бугарски народ. Вели дека ова не е новина, споменувајќи ја тука Хрватска, која во својот Устав внесува 25 заедници пред да стане членка на Унијата.

Во документот е наведено дека Владата на Македонија се согласува следната меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговрите за членство да се одржи откако во сила ќе влезат измените на Уствот за вклучување на оние нејзини граѓани, кои живеат на територијата на државата, а се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, согласно внатрешните процедури, вклучително и уставен закон за нивни спроведување.

Во однос на јазикот рече дека со целата морална и политичка одговорност тврди дека македонскиот јазик останува чист, без фусноти и додавки.

– За билатерални односи, ние го имаме затворено прашањето со Република Бугарија. Тоа е јазичната клаузила од 1999 година и 2017 година – македонски јазик согласно Уставот, бугарски јазик согласно Уставот, затоа што тоа е решено прашање и ние никогаш во овие преговори не сме обидувале да смениме став на Република Бугарија, туку како да спречиме тој став да стане европски. И таа битка ја добивме затоа што во ЕУ сега и во иднина јазикот ќе биде чист без никакви квалификации, фусноти и додавки, нагласи Османи.

Вчерашната изјава на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска за македонскиот јазик, Османи рече дека била во насока на тоа дека Бугарија не може да го наметне својот став на Европската Унија.

Во втората точка од Протоколот се наоѓа темата за Историската комисија меѓу двете држави, а Османи посочи дека во оваа тема се употребуваат зборовите „охрабрува“ или „поттикнува“ со цел јасно да се стави до знаење дека Комисијата за историските прашања е целосно автономна и нема политички влијанија врз неа. Тој посочи дека Комисијата е независна, а политиката не се меша во работата, туку тие си одлучуваат, а работи исклучиво на принципот на реципроцитет.

– Тоа што ми е важно е дека комисијата вели „ако ние прифатиме, вие слободно имплементирајте, затоа што стоиме зад тоа“. Шпекулацијата дека Комисијата има рокови за отворање и затворање поглавја не е точна бидејќи информацијата „ја охрабруваме комисијата до членство во ЕУ“ значи на некој начин политичка волја од двете страни, рече Османи.

Како што нагласи министерот за надворешни работи, Комисијата е охабрена да ги заврши прашањата за средниот век за една година, други временски ограничувања нема, а има охрабрување таа да ја заврши својата работа до зачленувањето на земјата во ЕУ.

По брифингот на министерот Османи, во интервју за Сител реагираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски кој вели дека во текот на преговарачкиот процес Бугарија не го затвора прашањето за македонскиот јазик.

Мицкоски најави дека на Извршен комитет на партијата ќе предложи да отпочнат иницијатива за собирање на 150.000 потписи и да направат референдусмко изјаснување на граѓаните дали се за или против протоколот кој го потпиша Владата.

Претходно, по усвојувањето на заклучоците во Собранието за францускиот предлог, Мицковски на прес-конференција информираше дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ потпишале изјава на нотар преку која потврдуваат дека нема да гласаат за уставни измени.

За разлика од опозицијата, владејачката СДСМ овој процес, го оцени како успех на граѓаните и на државата и потенцираат дека со засилено темпо продолжуваат во приклучувањето на големото европско семејство каде за многу скоро и официјално ќе се чуе нашиот македонски јазик.