Државата напредува, било оценето на денешната средба на претседателот на Владата, Оливер Спасовски со Валтер Дефа, посебен советник за економија на премиерот, назначен директно од германската канцеларка Ангела Меркел, при што се поздравени направените реформи и определбата за видливи промени во делот на имплементацијата.
На состанокот, како што соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста, било изразено и задоволство за определбата на премиерот, на Кабинетот на премиерот и на Владата за воспоставувањето Централна единица за мониторинг во Канцеларијата на претседателот на Владата, со цел поефикасна испорака на резултати во делот на клучните економски реформи. Најавена е активна помош и поддршка од страна на германскиот советник и неговиот тим.
Констатирана била и заедничката важност од ефикасно воспоставен мерит систем, со фер шанси за сите.
– Заеднички е ставот дека во системот на одлучување е потребно поедноставување на процедурите и функционирање на носителите на работни позиции на база на добри проценки за компетенциите на ангажираните кадри, како и преземање одговорност за носењето брзи и квалитетни одлуки, стои во соопштението.
Премиерот Спасовски изразил благодарност за големата помош и поддршка од германскиот советник Дефа, како и од Германија во процесот на евроатлантските интеграции и во делот на економските политики, значајни за квалитетот на живот на луѓето.
– Имаме напредок во сите области и во економијата, но силно сме определени кон примена на праксите што даваат брзи и квалитетни резултати. Покажавме континуитет на реформските процеси. Во периодот што претстои се фокусираме на значителни, позитивни, видливи промени во делот на имплементацијата на законите, усвоени по европски стандарди. Тоа носи резултати во квалитетот на испорака на услугите од институциите кон граѓаните и во квалитетот на живот на граѓаните, рекол премиерот Спасовски.
На состанокот е договорено да продолжи продуктивната соработка со германскиот советник Дефа и неговиот тим и во делот на иновациските политики и паметната специјализација, како области на модерното време, атрактивни за работа за младите луѓе, а преку коишто е возможна ефикасна имплементација на реформите во сите области значајни за граѓаните.