Од лани досега имаме за 70 отсто зголемени контроли и утврдени сообраќајни прекршоци, намален е бројот на жртви, на незгоди со тешки телесни повреди и материјални штети, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Имаме 166.853 прекршоци за овој период од годината споредбено со истиот период минатата година. Она што ние како МВР го поставивме како наш стратешки приоритет во изминатите години е подигнување на безбедноста во сообраќајот. Постојано се отвораат дебати дали е доволно или е премногу контрола на патиштата во смисла на безбедноста. Кога зборуваме за сообраќајни незгоди, тогаш сите овие контроли кои ги правиме добиваат на тежина, објави Спасовски на својот официјален профил на Фејсбук.
Важно е, додава Спасовски во објавата, да се има континуитет во работењето.
– А подигањето на безбедноста во сообраќајот, или безбедноста воопшто, не е феномен кој се решава преку санкционирање. Треба да создадеме општествени норми преку процес на образование и преку градење морални и етички норми, се’ со цел да дојдеме на високо ниво на свесност, вели Спасовски.
Објавата на министерот Спасовски доаѓа во време кога се случи најтешката автобуска несреќа во Европа во последните десетина години, со 44 жртви кои настрадаа во несреќата на македонскиот автобус во Бугарија.