Продолжуваме со забрзаниот процес на опремување на полицијата, досега реновирани 69 објекти, во моментот се работи на уште осум – ОВР Прилеп, ОВР Радовиш, ОВР Делчево, ОВР Берово, ЕВР Карпош, Одделот за заштита на личности и објекти во Скопје, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе.

Ова го истакнува министерот за внатрешни работи, во оставка, Оливер Спасовски, за акциите кои се спроведуваат во МВР за варосување на фасадите и ентериерот во полициските станици и новното опремување.

– Во сите реконструирани објекти од 2017 до денес имплементирани се и мерки за енергетска ефикасност, со нови системи за ладење и греење, промена на прозорци и врати, подови и кровови, нови фасади, со што се создадоа не само квалитетни услови за работа на полициските службеници, туку и трансформација на објектите на енергетски план, која опфаќа зголемено учество на обновливите извори на енергија, поголеми заштеди, намалени емисии на штетни гасови и заштита на животната средина. Подобрувањето на условите за работа на полициските службеници ќе остане да биде приоритет на ова раководство на МВР и во следниот период, бидејќи задоволна и опремена полиција значи и задоволни граѓани, објави денеска Спасовски на неговиот службен профил на Фејсбук.

Како што најавува министерот во оставка, акциите продолжуваат и „нема одмор додека трае обновата“ на полициските станици и други полициски објекти.