За личен документ повеќе се чека во Скопје, но периодот на чекање веќе значајно се намалува, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето на „Утрински брифинг“.

Тој кажа дека службите работат со продолжено работно време и за време на викендите, со цел граѓаните што поскоро да ги добијат своите пасоши, возачки дозволи и лични карти.

-За споредба, минатата година во месец мај имавме пријави за околу 31.500 патни исправи и околу 42 илјади за пасоши во јуни. Сега просечно дневно се јавуваат околу три илјади граѓани и илјада се пријавуваат преку интернет страницата или во месец мај се закажани 65 илјади термини за лични документи, а во јуни 66 илјади, кажа Спасовски.

Тој додаде дека личните документи кои биле побарани до стапувањето на сила на новиот закон, односно до 1 јули, се изготвени сите до еден.

-Од 1 јули тргнавме со новиот систем на податоци, со примена на новото уставно име и примената на Законот за јазиците. Поголемиот термин на чекање е во Скопје, но сето тоа се намалува. Воедно, со новиот систем првпат поставуваме десет фиксни базни станици низ државите низ Европа, за да немаме веќе мобилни станици. Сега нашите државјани во дијаспората може да се фотографираат во ДКП-ата, истакна Спасовски.