На подрачјето на целата држава 2021 година може да биде оценета генерално како стабилна во делот на безбедносната ситуација, без да бидат регистрирани некакви посериозни безбедносни настани што ги имавме, и тоа е најважно во однос на работењето. Секако дека вториот сегмент е во делот на криминалитетот и можеме да кажеме дека оваа 2021 година завршува со намалување на кривичните дела во споредба со 2020 година, вели во интервју за МИА, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Во однос на одговорноста за трагедиите што се случија со тетовската модуларна болница и автобуската несреќа во Бугарија, во која животот го загубија поголем број граѓани, Спасовски потенцира дека очекува таа одговорност да биде потврдена и за едниот и за вториот случај без разлика што за автобуската несреќа истрагата се води во соседна Бугарија.
Кога зборуваме генерално за одговорноста во државата, нагласува тој, тоа е прашање за кое ние треба да ја направиме најважната реформа од сите реформи. – Секоја легислативна реформа, промена на законски, подзаконски акти, носење правила итн. не е ништо во споредба со реформата на умот. И ова е најважно за македонското општество – колку ќе го промениме умот, колку ќе го промениме однесувањето. Од тоа зависи сѐ. Од тоа зависат и одговорности, од тоа зависи посветеност на работа, од тоа зависи и начин на раководење со луѓето, од тоа зависи однесувањето на граѓаните. Сето тоа е поврзано со промената на свеста, со промената на размислувањата и тоа не е процес што завршува од денеска за утре. И тој процес не е процес во којшто не напреднала Северна Македонија, смета Спасовски.
Во интервјуто за МИА, министерот Спасовски говори и за реформите во МВР, за приритетите во 2022 година, за аферата „Двојник“, за борбата против организираните криминални групи кои шверцуваат дрога, оружје, мигранти, но и за борбата и справувањето со корупцијата во редовите на МВР, како и за многу други прашања…
Најавува и посветена сериозна борба против трговија со наркотици и внатре во државата и спречување меѓународен транспорт.
Како врвни стратегиските приоритети за идната година ги наведе борбата против криминалот, организираниот криминал и корупцијата, миграцијата, тероризмот, киберкриминалот. Меѓу нив и автоматизираната идентификација на отпечатоци од прсти и дланки, а следејќи ги ситуациите со кризните состојби што ги имавме посебно со пожарите изминатиот период за 2022 година и модернизација, надградба на едно од леталата на Министерството за внатрешни работи, сѐ со цел да може да биде вклучено во евентуални акции и активности.
Спасовски информира дека се приведени повеќе лица кога говориме за случаите кога на платформата „Тик-ток“ лажно беше објавено дека во еден трговски центар во Скопје ќе биде поставена бомба, лажната пријава дека има поставено бомба во близина на Влада при посета на еден висок функционер од Брисел и за лажно пријавување за наводно поставена бомба и во Македонскиот народен театар. Сите овие случаи се затворени, подвлекува Спасовски, од аспект на полиција доставени се материјали до Јавното обвинителство.
Спасовски во интервјуто за МИА оценува дека акцијата „Двојник“ што ја спроведе Министерството за внатрешни работи е една од акциите што го потврдуваат принципот– нула толеранција за корупција. Информира дека таа истрага е проширена и додаде дека секој, без разлика кој е, на каква позиција е во Министерството или во државата доколку е инволвиран ќе мора да носи одговорност.
– Затоа тие прашања, тие детали докрај сѐ уште не се соопштуваат во јавноста од страна на Јавното обвинителство. Соопштуваме тоа што е завршено и тоа што можеме да го кажеме. Важно е дека целата таа криминална структура е откриена, против нив се отворени постапки, имаме веќе одредени пресуди и сите тие патни исправи не може да се користат, значи тие се поништени во соодветна постапка којашто ја имаме и практично покажавме еден силен одговор во државата во овој дел на справувањето со вакви коруптивни активности, рече тој.
Министерот за внатрешни работи информира и дека се отстранети и сите забелешки или се во фаза на отстранување на ГРЕКО, што се однесуваат пред сѐ на интегритетот на полициските службеници. Во однос на ветингот, меѓу другото информира дека се носат измени на законските решенија што се однесуваат до пријавата на имотот и на имотната состојба на секој полициски службеник заедно врз основа на анализата што се направи со Државната комисија за спречување на корупцијата.
По изборот на новиот претседател на СДСМ, ставот на Спасовски е дека претседателот на партијата треба да биде и премиер, заради тоа што, како што појасни, сепак првиот човек на партијата ја има и најголемата одговорност во носењето на одлуките и најдобро може да се носат одлуките што се базираат на исти вредности и во партијата и во владата. Очекува прво и посилен и пообединет Социјалдемократски сојуз, а тоа ќе значи, појаснува, и наметнување нов начин во водењето на партијата, поуспешен од тоа што бил веројатно досега. Истакна дека имало исклучително добро водство од страна на претседателот Зоран Заев, направено е многу за партијата, направено е многу и за државата.
– Многу храбро и многу визионерски одлуки коишто се донесоа и мене ми е и чест и гордост што бев дел од тоа раководство и бев еден од соработниците на претседателот Зоран Заев. Меѓутоа, со не помала верба и во новиот претседател Ковачевски во неговите мудри одлуки за тоа кој ќе биде дел од раководството, кои ќе бидат приоритетите во овој момент за да продолжиме уште посилно. Секако дека најважно ќе биде единството. Најважно ќе биде колку секој од нас ќе даде поддршка во напредокот на партијата, вели Спасовски за МИА.
МВР изминатата година се соочи со многу предизвици, меѓутоа постигна и многу успеси. Што ја обележи 2021 година во однос на работењето во Министерството со кое раководите?
– Благодарам за можноста да го направиме ова интервју на крајот од годината. Секако дека работењето во Министерството за внатрешни работи секогаш е проследено со сериозни предизвици од областа на безбедноста. Меѓутоа, слободно можам да кажам дека на подрачјето на целата држава 2021 може да биде оценета генерално како стабилна во делот на безбедносната ситуација без да бидат регистрирани некакви посериозни безбедносни настани коишто ги имавме, и тоа е најважно во однос на работењето. Секако дека вториот сегмент е во делот на криминалитетот и можеме да кажеме дека оваа 2021 година завршува со намалување на кривичните дела во споредба со 2020 година. Значи, оваа година имаме вкупно околу 20 илјади кривични дела, од кои се реализирани 12.500, кривично се пријавени околу 15 илјади сторители, со што е постигната една вкупна ефикасност од 61 процент. Притоа, имаме сузбиено седум организирани криминални групи, од кои пет за недозволена трговија со дрога и по една за шверцување мигранти и бесправна сеча на шуми. Исто така и во делот на корупцијата е зголемена откривачката дејност во овој период, некаде за 58,3 проценти ако споредиме со истиот период од минатата година. Секако дека во делот на недозволената трговија со дрога се преземени интензивни мерки и активности. Беа пресечени некаде околу 16 меѓународни транспорти на марихуана и хашиш и сузбиени се пет криминални групи. Имаме сериозен успех во делот на недозволената трговија на оружје. Во овој период се бележи зголемување некаде за 23,4 проценти на кривичните дела, а се запленети оружје, муниција и пиротехнички материјали. Откриени се вкупно 153 кривични дела за коишто се гонат 161 сторител. Имаме точна евиденција и во делот на оружјето колку е тоа бројчено, некаде околу 13 илјади парчиња муниција, околу 300 парчиња оружје и пиротехнички средства итн. Секако дека тука морам да го споменам и сузбивањето на 10-члена поликриминална организирана група којашто првенствено со занимава со недозволена трговија и шверц на дрога, а понатаму и со оружје. Така што во овој дел можам да кажам дека навистина постигнавме забележителни, значителни резултати. Самото намалување на кривичните дела, подигањето на ефикасноста на македонската полиција е успех, којшто мора да биде мотив за понатамошно работење, не како задоволно.
Кога сме веќе кај безбедносната состојба, од неодамна се случија повеќе лажни јавувања за поставени бомби, експлозивни направи, терористички напади. Дали некој ќе одговара за тие лажни дојави, кои барем последниот пат предизвикаа целосна блокада на повеќе објекти во центарот на Скопје?
– Да, тоа беа лажни дојави што предизвикуваат и страв и несигурност кај граѓаните, меѓутоа и многу ангажман кај службите генерално и кај Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност. Притоа се приведени во однос на едниот случај три лица кои на платформата „Тик-ток“ објавија дека во еден трговски центар во Скопје ќе биде поставена бомба, значи ќе биде извршен терористички напад. Исто така, имаме приведување на едно лице кое лажно пријави дека има поставено бомба во близина на Влада при посета на еден висок функционер од Брисел и секако три лица имаме повикано на разговор што се однесува до лажно пријавување за наводно поставена бомба и во Македонскиот народен театар. Сите овие случаи се затворени, од аспект на полиција доставени се материјали до Јавното обвинителство и секако дека таму каде што има елементи за извршено кривично дело ќе мора да се носи одговорност, затоа што многу е важно, никој и во ниту еден момент не смее да се поигрува со безбедноста, бидејќи тоа предизвикува сериозни последици во овој дел.
Меѓутоа, за нас како Министерство што е важно во вакви случаи? Брза мобилизација на сите служби. Значи, на тој начин се покажува колку Министерството за внатрешни работи и другите агенции се подготвени во овие случаи. Затоа сакам да истакнам дека колегите од Министерството за внатрешни работи, Одделот за организиран и сериозен криминал, понатаму Секторот за компјутерски криминал и форензика, потоа Одделот за антитероризам и секако Агенцијата за национална безбедност, секторите за внатрешни работи – сите за многу кратко време успешно организирани, преземени сите мерки и активности, и на тој начин покажуваме дека подготвеноста е на едно високо ниво да се одговори на секој безбедносен притисок.
Говоревте претходно дека имате пресечено повеќе организирани криминални групи за трговија, недозволена трговија со дрога. Неодамна имавте неколку такви акции, добиваме впечаток и во јавноста дека државата е преплавена со шверцување наркотични средства. Секојдневно во билтените од Министерството за внатрешни работи има информации за тоа колку поединци се приведени поради марихуана и други наркотични средства. Колку Северна Македонија е таргет, транзитна или можеби крајна дестинација за големите бизниси со недозволена трговија со дрога?
– Да тргнеме од последното прашање. Ако државата се наоѓа на исклучително важна геостратегиска положба, тогаш нормално и тие безбедносни предизвици да бидат сериозно зголемени. Знаете, добро е за сите нас и сите во Северна Македонија се гордееме што сме на таква геостратегиска положба, од една страна, меѓутоа, од друга страна, треба да бидеме свесни дека предизвикува и одредени ризици. И тука кога станува збор и за трговијата со дрога, трговијата со оружје, транснационалниот криминал, миграцијата итн. е нешто што секако не може да ја одмине ниту Северна Македонија, ниту државите во целиот регион. А, јас поинаку ќе го поставам прашањето. Дали е зголемена ефикасноста во пронаоѓањето на дрогата, на шверцувањето мигранти и сите тие канали коишто работат организирани криминални групи. Значи, овој период Министерството се постави добро на стратегиско ниво по неколку прашања, меѓу кои и организираниот криминал и трговијата со дрога, и затоа се појавуваат често акции и заплени на дрога, преку кои практично се пробува преку такви меѓународни канали да биде транспортирана или некаде во државите од регионот или пошироко. Така што службите се добро поставени, има сериозна активност во овој дел и затоа сме сведоци на чести акции и заплени на дрога. Тоа не се случајни заплени, тоа се заплени на коишто организирано се работи во овој дел. И пред неколку дена имавме заплени, скоро секојдневни големи акции коишто се, а тоа е како една од стратегиските определби на Министерството, на раководството на Министерството, сериозно да се занимаваме со спречување на трговијата со дрога, со оружје и со миграции итн.
Не ми одговоривте дали Македонија е таргетот или само е транзитна дестинација на тие големи бизниси со дрога коишто ги спречивте?
– Со самото тоа што укажав дека се спречени канали за меѓународен транспорт, се укажува дека таа дрога транзитира низ Северна Македонија. Ние сме сепак мала земја и мало подрачје итн., секако дека трговија со дрога, луѓе што со тоа се занимаваат секојдневно се работи и на сузбивање и внатре во државата, меѓутоа имаме и меѓународни транспорти. Значи, не станува збор за едната или другата варијанта од трговија со дрога, туку заеднички посветена сериозна борба против трговија со наркотици и внатре во државата и спречување меѓународен транспорт.
Министре, се случи изминатата година и аферата „Двојник“. Беа издадени 215 фалсификувани македонски пасоши на лица барани со Интерпол, криминалци во Европа, беа осудени 11 лица, од кои девет службеници во МВР. Не дознавме дали воопшто или евентуално кои од повисоките ешалони беа вмешани во сето тоа. Во тој период изјавивте дека еден таков пасош во просек се купувал од пет илјади до 20 илјади евра. Каде се тие пари? Дали знаеме и не слушнавме некакво појаснување кој ги поделил, што се случило со тие пари од пасошите?
– Е оваа би рекол акција, не афера. Значи оваа акција што ја спроведе Министерството за внатрешни работи е една од акциите што го потврдуваат токму тој принцип – нула толеранција за корупција. И ова е еклатантен пример како Министерството за внатрешни работи се бори против корупцијата и во сопствените редови. Ова претставува една сериозна организирана криминална активност што беше детектирана, за која се водеше предистражна и истражна постапка и во која беа уапсени лицата што се организатори. Имаме, значи, осум вработени од Министерството за внатрешни работи, еден кој бил вработен во друга институција, поврзани се со цел да се организираат како група што ги издавала овие исправи и сите тие активности кога привршија се реализираше оваа акција. Знаете, тука се испреплетуваат и интереси кога гледате дека имаше обид дури таа акција да биде предвреме откриена од страна на одредени структури од опозициски партии итн. и други лица. Меѓутоа, добро е што целиот тим што работеше на овој случај заедно со партнерските служби брзо и ефикасно работевме во овој дел. Јас најавив и тогаш дека таа истрага е проширена и во однос на тоа дека ниту еден, без разлика кој е, на каква позиција е во Министерството или во државата доколку е инволвиран ќе мора да носи одговорност. Затоа тие прашања, тие детали докрај сѐ уште не се соопштуваат во јавноста од страна на Јавното обвинителство. Соопштуваме тоа што е завршено и тоа што можеме да го кажеме. Важно е дека целата таа криминална структура е откриена, против нив се отворени постапки, имаме веќе одредени пресуди и сите тие патни исправи не може да се користат, значи тие се поништени во соодветна постапка којашто ја имаме и практично покажавме еден силен одговор во државата во овој дел на справувањето со вакви коруптивни активности.
Неизбежно е прашањето за мигрантската криза. Таа стана постојаност во регионот, меѓутоа и на македонските граници. Шверцот исто така е добар бизнис и дел од организираниот криминал. Која е Вашата проценка за овој вид криминал во земјава и во регионот, затоа што евидентно е дека и ова не нѐ заобиколува како маршрута и нашите граници?
– Јас кажав, кога станува збор за организирани криминални активности, многу влијае и таа стратегиска положба и позиција. Македонија беше практично портата за влезот на западнобалканската маршрута во делот на мигрантската криза, 2015 година беше година во која енормно голем број мигранти транзитираа низ територијата на Северна Македонија. Некаде до крајот на јануари 2016 година поминаа повеќе од милион и 100 илјади мигранти и тоа самото по себе говори за сериозноста на оваа криза што ја имаме не само ние, тоа е криза што е европска, светска итн. Сега во овој момент можам да истакнам дека добрата поставеност на државата, добрата поставеност на Министерството за внатрешни работи заедно со Армијата на Република Северна Македонија, добрата поставеност на јужната граница заедно со билатералните акции што ги спроведуваме со државите од регионот и од Европската Унија, значи, учествуваат Србија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Полска, Чешка, Словачка и тоа во билатерални акции од 2015 година до ден-денес, покажа дека навистина тој силен капацитет да се справиме со мигрантската криза дава резултати. Оваа година имаме намалување некаде за 36,5 проценти за обиди за илегално преминување на границата, над 90 проценти од обидите се на јужната граница, иако имаме обиди и од северната граница, практично во спротивна насока доаѓаат мигранти коишто сакаат да транзитираат низ државата, да се вратат во Грција и да одат по некоја друга маршрута, сѐ со цел да стигнат до крајната дестинација во некоја од земјите на Западна Европа.
Што со оние што пренесуваат мигранти?
– Некаде околу 17 илјади илегални обиди се одбиени за влез, меѓутоа постојат и шверцувања мигранти од групи коишто шверцуваат мигранти. Последниве неколку дена имаме веќе две групи или две акции во што се откриени шверцувања мигранти.
Во една имаше и полициски службеник кој им помагал, им кажувал…
– Да, во едната од тие групи во којашто беа уапсени неколку лица, меѓу нив е уапсен и еден полициски службеник за кој имаме сериозни сомненија дека е дел од организацијата на шверцување мигранти. Тоа покажува уште еднаш дека справувањето со шверцувањето мигранти е апсолутно транспарентно и неселективно. Значи, тука не може да станува збор за постапувања кон одредени лица, туку кон сите што се инволвирани во вакви акции без разлика дали се тоа и полициски службеници.
Во изминатиот период исто така имаше и неколку трагедии и сѐ уште ни се свежи сеќавањата за пожарот во тетовската модуларна болница, потоа граѓаните не видоа одговорност кај некои од надлежните. Последното сеќавање ни е во Бугарија. Истрагата ја водеа бугарските власти и секако Вие сте информирани за нивните чекори. Најавија дека пред Божик веќе истрагата ќе биде завршена. Овде постојано се поставува прашањето за одговорност. Дали македонското општество пати од недостиг на одговорност и како мислите дека тоа би можело во догледно време понатаму да се смени, сепак да постои одговорност за такви несреќи, трагедии, секој во својата област на надлежност што ја има.
– Прво, ова се големи трагедии за една држава, за една нација, што ни се случија. Трагедии што предизвикуваат навистина многу негативни емоционални чувства кај секој граѓанин без разлика кој е тој и на каква позиција итн. и важно е да имаме одговорност, да имаме кривично правна одговорност за секој без разлика колку е високо поставен во хиерархијата за секое кривично дело, не станува збор само за вакви трагедии.
Меѓутоа, овие се најчувствителни.
– Многу чувствителни поради тоа што навистина има големи број жртви. Министерството за внатрешни работи ги презема сите активности што беа потреба во водењето на истрагите. Знаете дека истрагите ги води Јавното обвинителство и ние на основа на сите барања ги доставуваме потребните документи, материјали, се вршат анализи итн.. Јас очекувам дека таа одговорност ќе биде потврдена и за едниот и за вториот случај без разлика што за автобуската несреќа истрагата се води во соседна Бугарија. Јас и во оваа пригода им се заблагодарувам и на Владата на Бугарија и на истражните органи што дадоа сѐ од себе заедно со поддршка од колегите и од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, Јавното обвинителство итн. да дојдеме до резултати, би рекол, во истрагата. Секако знаете дека најавив дека таа истрага треба да биде проширена и во Јавното обвинителство во Северна Македонија и тоа го работиме заеднички сѐ со цел тој систем, би рекол, на истраги и на одговорност да биде потврден во еден ваков дел. Е сега, кога зборуваме генерално за одговорноста во државата, тоа е прашање за коешто ние треба да ја направиме најважната реформа од сите реформи. Јас тоа го говорам често. Секоја легислативна реформа, промена на законски, подзаконски акти, носење правила итн. не е ништо во споредба со реформата на умот. И ова е најважно за македонското општество – колку ќе го промениме умот, колку ќе го промениме однесувањето. Од тоа зависи сѐ. Од тоа зависат и одговорности, од тоа зависи посветеност на работа, од тоа зависи и начин на раководење со луѓето, од тоа зависи однесувањето на граѓаните. Сето тоа е поврзано со промената на свеста, со промената на размислувањата и тоа не е процес којшто завршува од денеска за утре. И тој процес не е процес во којшто не напреднала Северна Македонија. Кога ќе ги погледнеме годините пред нас 2000, 1990 итн., ќе видите колку е напредната Северна Македонија во тој дел, меѓутоа, дали треба да направиме уште и затоа е важно, многу важно за државата низ отворањето на пристапните преговори за членство во Европската Унија тие вредности да ги вградиме во општеството, затоа што преговорите за пристап во Европската Унија нема да бидат некоја апстрактна појава, нешто што ќе ни се случува или ќе го дознаеме само дека се преговори. Ние ќе го дознаеме преку процесот на градење одреден систем во институциите на функционирање и тоа го посакуваат сите граѓани.
Како Вие внатре во Министерството се справувате со таа одговорност кај вработените и како се борите со корупцијата во редовите на МВР?
– Секако дека ако сакаме да имаме доверба кај граѓаните кај секоја од институциите мора кога зборуваме за корупцијата, за одговорноста, прво тргнуваме од сопствените редови и да правиме механизми со кои во овој дел на функционирање ќе го сведеме на минимум нивото на корупција, на незаконско однесување, на непочитувањето на своите надлежности итн. И ние од 2017 година до ден-денес направивме низа реформски процеси кои практично значеа намалување на можноста за какви било злоупотреби. Реформата на следењето на комуникации, реформата на безбедносниот сектор е првиот и најважен чекор што се спроведе за да не се злоупотребуваат човековите слободи и права. Знаеме со каква работа се соочивме во тој дел. Второ, беше многу важно да се зајакне интегритетот на полициските службеници, а како ќе го зајакнеме интегритетот на полициските службеници ако не го јакнеме интегритетот и на службата кшто се занимава со внатрешната контрола и непрофесионалните стандарди. Затоа се вложи многу и во овој Оддел за внатрешна контрола и професионални стандарди да постапуваме транспарентно, да постапуваме неселективно, да се отвораат постапки против полициски службеници, да се поднесуваат кривични пријави. Поради тоа денеска ако погледнете во споредба што се случувало до 2017 година, ќе видите дека повеќекратно е зголемен бројот на дисциплински постапки, на кривични пријави итн. против полициски службеници кои не ги почитуваат законските овластувања. Понатаму, воведовме нов механизам надворешен за контрола на полициските службеници. Во рамки на Народниот правобранител се формираше посебно одделение, т.н. полициски омбудсман, се формира посебна структура граѓански совет…
Тоа функционира? Граѓанскиот совет во еден период колку што се сеќавам воопшто не функционираше.
– Тоа не функционираше поради одредени проблеми што ги имаше Собранието во однос на носење одредени одлуки итн. Меѓутоа, тоа е нешто што треба да го завршат другите институции. Тоа што беше на Министерството за внатрешни работи го завршивме. Понатаму, ги отстранивме сите забелешки или се во фаза на отстранување на ГРЕКО што се однесуваат пред сѐ на интегритетот на полициските службеници. Се формираше посебно одделение во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција посебно што ќе работи на пречекорувањето на полициските овластувања на полициските службеници. Сето тоа покажува колку многу чекори и реформи се направија во овој дел за да во сопствените редови и се намалува корупцијата, се јакне интегритетот на полициските службеници, бидејќи тој е најважен секаде и посебно во едни вакви, би рекол, големи, огромни институции со многу вработени, со многу надлежности коишто ги имаме.
Ветингот до каде е, министре?
– Сега во рамки на овие постапки носиме измени на законските решенија што се однесуваат до пријавата на имотот и на имотната состојба на секој полициски службеник заедно врз основа на анализата којашто се направи со Државната комисија за спречување на корупцијата, а за да и во тој дел се следат активностите и работите сето тоа пак придонесува кон интегритетот. Вие знаете дека во еден дел на ветингот успешно го спроведовме што се однесува до делот којшто беше Управа за безбедност и контраразузнавање, другите постапки коишто ги работиме заедно со ОБСЕ се во тек и тука работиме на неколку полиња, не е само ветингот. Работиме и во делот на професионализација на дисциплинските постапки, начинот на напредувањето во кариера итн., тие веќе се во завршна фаза и ќе се реализираат така како што практично се предвидува со него.
Кои се приоритетите на Министерството за внатрешни работи за следната година ?
– Секако дека многу од работите што ги завршивме во изминатиот период и оваа година и во делот на подобрувањето на условите за работа на полициските службеници, купување опрема, реновирање станици, создавање подобри услови за работа, меѓутоа и за остварување на правата на граѓаните се нешто што го јакнеше и капацитетот и интегритетот на македонската полиција. И тоа ни останува како приоритет како понатаму да продолжиме. Секако дека во 2022 година ќе се работи на конечно финиширање на реформските процеси во Министерството со цел да бидат сообразени со стандардите и европските вредности што ги имаме за ова што и претходно говоревме затоа што наша цел треба да биде во наредната 2022 година да постигнеме подобри резултати од тоа што биле сега. Тоа беше цел и за 2021 година. Ако 2020 година ја завршивме како година со најдобри резултати во последните 30 години по многу линии од работењето на Министерството, секако дека тоа ги мотивираше колегите и 2021 година да имаме резултати. Ние ќе ја сумираме оваа година на крајот од годината. Тогаш ќе излеземе со детални податоци, информации и факти во однос на целокупното работење на Министерството за внатрешни работи и тоа да ни биде мотив и за 2022 година.
Секако дека прво и основно во делот на буџетот успеавме за 2022 година да издејствуваме зголемување на платите на вработените за 5 проценти, тоа е дел од договорот што го имавме со Македонскиот полициски синдикат. Секако дека е обезбедена повторно финансиска конструкција за исплата на бонус платата и за 2021 година којашто треба да се исплати во 2022 година. Понатаму да продолжиме со реконструкција и обновување на објектите. Наш приоритет ќе биде целосна обнова на Центарот за обука каде што се градат кадрите на Министерството за внатрешни работи, комплекс кој ќе биде целосно обновен по многу години, понатаму целосна обнова и со еден поинаков пристап на Одделението а управни работи во Скопје како едно од најголемите, градбата на полициската станица во Аеродром ќе се случи.
Ова е нешто ново за изградбата?
– Ние досега ги прибиравме сите податоци, документации, при крај е постапката за избор на изведувачи и веќе 2022 година ќе имаме сигурно нов објект на полициската станица во Аеродром што е потреба за работењето и на МВР и на граѓаните. Понатаму, целосно завршување ќе биде на новата зграда на Одделот за крим-техника.
Тоа веќе се одложува подолго време?
– Не, тоа не се одложува. Тоа е во рамки на роковите што ги имаме. Тоа е огромна зграда што се гради, огромна инвестиција, со ИПА-фондови, со нови методи, со нов начин на активности и секако дека на овој начин ќе ги создадеме условите да се формира т.н. национален форензички центар. Тој ќе почне со активности во 2022 година затоа што прикрај се сите активности. При крај се и набавките на опремата, на мебелот итн. што е потребно за да можеме да функционираме.
Секако дека еден од приоритетите за нас ќе биде и автоматизираната идентификација на отпечатоци од прсти и дланки, проект што исто така ќе стартува со работа во 2022 година како една активност. Следејќи ги ситуациите со кризните состојби што ги имавме посебно со пожарите изминатиот период за 2022 година обезбедивме финансиски средства во буџетот со што ќе се изврши модернизација, надградба на едно од леталата на Министерството за внатрешни работи, сѐ со цел да може да биде вклучено во евентуални акции и активности. Така што тоа се нашите планови за 2022 година, а стратегиските приоритети во делот на борбата против криминалот, организираниот криминал и корупцијата, миграцијата, тероризмот, киберкриминалот ќе бидат едни од нашите врвни приоритети при постапувањето во делот на сообраќајот којшто исто така даде резултати. Еве досега имаме првпат по 30 години двоцифрена бројка на жртви во сообраќајни незгоди. Да се надеваме дека така ќе остане и до крајот на годината. Реков овие наши стратегиски приоритети мора да ни бидат мотив повеќе за секој вработен во Министерството и за подобри резултати.
Министре, се случи избор на нов лидер во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Какви се вашите очекувања од новиот лидер, во која насока мислите дека ќе се движи партијата и дали сметате дека лидерот на СДСМ треба да биде и премиер на Владата или треба тие две функции да бидат одвоени?
– Прво, јас сум задоволен што навистина такви демократски процеси коишто ги воспоставуваме во партијата се добри за демократијата во партијата, се добри за демократијата во државата, се покажаа како многу исправни и во овој момент. Знаете, ова се веќе втори внатрепартиски избори, избори во коишто имаше повеќе кандидати за претседател на партијата, избор во којшто сите имаа еднаква шанса да се претстават пред членовите. Членовите имаа можност да излезат да го дадат својот глас и да одберат лидер. Сум задоволен што во една фер, демократска атмосфера преку зачувување на достоинството и на кандидатите и на партијата сите заеднички успеавме да избереме нов претседател на партијата, Димитар Ковачевски. Тој имаше своја програма, таа беше под мотото „Заедно посветени и одговорно“, ги претстави трите клучни принципи за работењето во партијата. Тоа е прво и основно единство во партијата. Второ, креирање државни политики врз основа на социјалдемократските принципи и вредности и секако фер шанса за секој што има професионален капацитет да придонесе кон подобрување на состојбите во државата. Тие се основни столбови што беа платформа пред членовите на партијата и јас очекувам дека сето ова ќе се ефектуира низ политиките на работењето на претседателот и на новото раководство. Секако дека очекувам прво посилен и пообединет Социјалдемократски сојуз, а тоа ќе значи и наметнување на нов начин во водењето на партијата, поуспешен од тоа што бил веројатно досега. Јас можам да истакнам дека имавме исклучително добро водство од страна на претседателот Зоран Заев, направено е многу за партијата, направено е многу и за државата. Многу храбро и многу визионерски одлуки коишто се донесоа и мене ми е и чест и гордост што бев дел од тоа раководство и бев еден од соработниците на претседателот Зоран Заев. Меѓутоа, со не помала верба и во новиот претседател Ковачевски во неговите мудри одлуки за тоа кој ќе биде дел од раководството, кои ќе бидат приоритетите во овој момент за да продолжиме уште посилно. Секако дека најважно ќе биде единството. Најважно ќе биде колку секој од нас ќе даде поддршка во напредокот на партијата. А во однос на ставот за тоа дали треба да биде еден човек претседател на партија и премиер мојот став е да, треба да биде заради тоа што сепак првиот човек на партијата ја има и најголемата одговорност во носењето на одлуките и најдобро може да се носат одлуките коишто се базираат на исти вредности и во партијата и во владата. Секако дека тоа е огромен товар, тоа не е лесно, ама мора да бидете пред се визионери, да знаете што и како ја гледате државата после 10 години затоа што тоа е би рекол големината, меѓутоа и очекувањата од еден претседател на партија да е визионер, да е храбар, да не калкулира во носењето на одлуките затоа што најважно е што ќе направите за државата и за граѓаните не сами за себе и во тој поглед сметам дека би било добро да и претседател на партијата и претседател на владата биде една личност.
Се најавува и новиот состав на Владата, дали Вие се гледате во новиот владин кабинет на истото место како министер за внатрешни работи или можеби постојат некакви очекувања доколку се раздвојат овие две работи премиерското место и претседателот на партијата дали можеби имате некакви амбиции за тоа место?
– Важно е сега да му оставиме простор на новиот претседател да го формира раководството на партијата бидејќи тоа ќе биде основа за носење на сите понатамошни одлуки. Секако дека кога ќе се започне тој процес на создавање нова влада, ние сѐ уште немаме отворено процес за создавање нова влада, кога ќе се отвори тој процес на создавање нова влада органите на партијата треба да утврдат мандатар врз основа на таа влада, претседателот на државата треба да го додели тој мандат за да започнат сите рокови коишто ќе течат. Јас ги напоменав принципите врз основа на коишто ќе се води новиот претседател врз основа на програмата. Тие принципи се, реков, единство во партијата, креирање политики и одлуки базирани на социјалдемократските вредности и, секако, давање фер шанса на секој да биде вграден во идните структури, дали е тоа во партијата, дали на Владата итн. Кадровските решенија ги прават органите на партијата. Значи, претседателот и Централниот одбор на партијата ќе ги донесат конечните одлуки за тоа кој ќе биде дел од таа нова влада и во тој дел апсолутно личното мое размислување, позиционирање не е важно. За мене е важно како ќе се поставиме како партија и како ќе се поставиме како луѓе коишто ќе се одговорни за водењето на државата и на граѓаните. За мене што е најважно? За мене е најважно одлуките што ќе бидат донесени сите ние да ги испочитуваме докрај и да помогнеме колку што ќе можеме и ако за тоа има потреба и во рамките на партијата и во рамките на Владата, така што секој од нас треба од личното да биде растоварен поради тоа што општото, државниот интерес, интересот на граѓаните е многу важен.
Цветанка Миновска
фото: Фросина Насковиќ
видео: Аслан Вишко