Бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за неделната емисија Панорама на Бугарската национална телевизија во врска со спорот меѓу Софија и Скопје, вели дека не станува збор за процес на отстапки, туку за процес на надградба.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, на прашањето дали Бугарија треба да направи отстапки за Република Македонија, Петков нагласува дека мошне јасно го изнел она што се следните чекори со соседната земја.

– Она што јас многу јасно го дадов како мандат во следните чекори со РС Македонија е дека ќе ја надградиме бугарската позиција со дополнителни работни групи за економија, инфраструктура, култура, мерки и политики за влез и помош. Капацитетот на С. Македонија – како да успеат да го направат чекорот кон влез во ЕУ. Што значи дека поставуваме рок од 6 месеци и јас јасно го кажав овој рок, рече премиерот.

Појаснува дека Бугарија ќе ја надгради својата позиција со дополнителни работни групи за економија, инфраструктура, култура, во однос на мерките и политиките за влез и помош, капацитетот на Македонија со цел тие да успеат на направат чекор напред кон влезот во ЕУ.

Новиот бугарски премиер изјави дека Владата си задала рок од шест месеци и затоа тој рок го изнел јасно и категорично.