Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски очекува дека пописот успешно ќе се спроведе, граѓаните ќе покажат одговорност и ќе се добијат детални податоци кои ќе се користат за развој на државата.
Oд Куманово каде што го посети реконструираниот објект на СВР Куманово, Спасовски рече дека претставници од МВР работат заедно со Државниот завод за статистика во штабот кој раководи со пописот.
– Секако, дека ние како Министерство за внатрешни работи, работиме заедно со државниот завод за статистика, наши претставници имаме во штабот кој раководи со пописот, за сите граѓани коишто ќе одбијат да се попишат, сигурно е дека ќе се применат мерките и ќе има пријави. Меѓутоа, јас очекувам дека како што помина вчерашниот ден во една одлична атмосфера, атмосфера на граѓанска одговорност дека и понатаму ќе продолжиме и пописот ќе заврши успешно и после 20 години ќе можеме да имаме детално податоците кои ни се потребни за развој на државата, изјави Спасовски.
Тој рече дека пописот се одвива со одлично темпо и дека само во вчерашниот ден се попишале околу 100.000 граѓани, што според него покажува дека граѓаните се длабоко свесни за одговорноста.
Спасовски ги повика граѓаните да се вклучат во процесот, да се попишат сите семејства, сите објекти, за, како што нагласи тој, да се добие реална слика и за потребите и за капацитетите со кои располага државата.
– Од вчера почна најголемата статистичка операција пописот, дополнително е значајно што цели 20 години РС Македонија не успеа да смогне сили, да најде начин да утврди методологија и да спроведе попис. Јас како член на оваа Влада, навистина сум горд што, преку посветена работа, ангажман, преку визијата што значи да градите развој на општеството, просперитет кога имате за тоа податоци коишто се важни за да можете да го креирате напредокот на државата, рече Спасовски.