Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Емил Спасовски, на вчерашната комисиска расправа го оцени Предлог-буџетот за 2026 година како исклучително развоен со силна социјална компонента. Тој истакна дека целта е забрзување на економскиот раст и спроведување  фискална консолидација преку зајакната финансиска дисциплина, воедно посочувајќи дека најголем двигател на растот ќе бидат бруто-инвестициите.

– Во 2026 година се очекуваат позитивни движења и економскиот раст да забрза за 3,8%, како резултат на растот на инвестициите и последователен пад на стапката на невработеност на историски најниско ниво од околу 10%, раст на пензиите и платите и солидно зголемување на приватната потрошувачка. Најголем придонес кон растот во 2026 година се очекува да имаат бруто инвестициите, преку реализација на големите инфраструктурни проекти, финансирани од државата, во патната и железничката инфраструктура, пред се Коридорите 8 и 10Д, како и проекти во енергетиката, земјоделието, образованието и здравството, рече Спасовски.

Пратеникот Спасовски се осврна на неколку проекти кои се од клучно значење за развој на регионот и особено значајни за општина Крива Паланка, истакнувајќи дека со капиталните инвестиции во општините ќе се подобрат услови за живот на граѓаните.

-Дополнителен двигател на бруто инвестициите ќе биде поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции со цел по рамномерен регионален развој и унапредување на животниот стандард на граѓаните. Значајна ставка во Предлог буџетот се капиталните расходи, каде капиталните проекти учествуваат со околу 9,8% од проектираниот буџет, односно се проектирани во износ од 660 милиони евра. Од овие средства ќе се реализираат инфраструктурни и енергетски проекти, капитални проекти од областа на сообраќајната, комуналната и локалната инфраструктура.  Ќе се финансира западниот дел од патниот Коридор 8, изградба на железницата како дел од Коридорот 8, каде што првата делница од Куманово до Бељаковце е пуштена во употреба, интензивно се работи на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка за која се обезбедени средства и третата делница од Крива Паланка до Деве Баир, рече Спасовски.

Фото : ВМРО-ДПМНЕ