Мигрантите се уште се обидуваат илегално, самостојно или со помош на криумчари да транзитираат низ РС Македонија кон север и понатаму кон своите крајни дестинации, изјави денеска министерот Оливер Спасовски.
– Податоците за 2018 година укажуваат на зголемен број на обиди за илегално преминување на јужната граница, а зголемен е и бројот на откриени мигранти. Тоа што најмногу загрижува е што голем дел од илегалните мигранти се обидуваат да користат услуги на криумчари на мигранти, не само во земјава, туку и во целиот регион, нагласи Спасовски кој официјално го отвори 72. состанок на Управната група на Меѓународниот центар за развој на миграциската политика (ИЦМПД), што денеска и утре се одржува во Охрид посветен на повеќе актуелни прашања од областа на миграциите.
Иако, според Спасовски, независно од таквите трендови, безбедносната состојба на државните граници во моментов генерално е поволна, тој акцентираше дека за одржување на таквата состојба, но и за соодветно справување со евентуален иден масовен прилив се преземаат низа мерки и активности, а продолжено е и времетраењето на Одлуката за прогласување на кризна состојба на подрачјето на јужната и северната државна граница, што овозможува непречено користење на потребните национални ресурси и капацитети за справување со предизвикот.
Министерот Спасовски, меѓу другото, ги посочи и Договор за статус меѓу ЕУ и Македонија со кој Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража и Македонија како рамноправни партнери ќе преземаат заеднички акции насочени кон спречување на илегалната миграција и прекуграничниот криминал, потоа новите Закони за странци и за меѓународна привремена заштита со кои се усогласува националното со европското законодавство, но наедно се отстранува дел од постоечките празнини и слабости воочени во текот на справувањето со мигрантскиот бран.
– Сепак, како што потенцира Спасовски, сите сме свесни дека кога станува збор за илегалната миграција, се говори за глобален проблем, динамичен и со тенденција на брзи промени на трендовите, појава која зависи од многу надворешни фактори на која државите, немаат големо внимание. Оттаму, колку и да е добро испланирана и имплементирана, ниту една мерка или активност долгорочно нема да биде доволна за успешно справување доколку остане во национални рамки, односно доколку не е дел од еден поширок и координиран одговор на сите засегнати земји од регионот, па и пошироко.