Бившата специјална обвинителка Катица Јанева, која е во притвор во Шутка, викендот го мина во приватната болница „Жан Митрев“. Таа, како што објави Вечер, има привилегирана позиција за разлика од сите други притвореници и затвореници.
„И во овој случај, државните органи ги кршат законите и фактички дозволуваат со парите од Рекет да си го плати привилегираното болничко лекување. Според сите процедури и пракса, притворенции и затвореници се носат на лекарски прегледи или интервенции на државна клиника, каде има и арестантско одделение доколку е потребно да лежат повеќе од неколку часа. Доколку државната клиника нема ресурси, би можело, со одлука на надлежен орган да биде упатена на приватна клиника. Но, ниту Катица беше однесена на државна клиника на преглед, ниту некој надлежен орган дал согласност да оди на приватна клиника. Одобрението е дадено од управата на истражниот затвор Шутка, а би требало да одлучи Судот“, пишува Вечер.
Притвореникот или затвореникот донесен на преглед или интервенција, освен затворско, мора да има и полициско обезбедување. Досегашната пракса покажува дека кога биле носени притвореници или затвореници на Кардиологија на пример, полицијата стоела и пред сала и во сала за време на интервенцијата или прегледот. Но, тоа не важи за Катица Јанева.
ТВ Сител објави дека поради влошената здравствена состојба неопходни биле дополнителни испитувања, потврдиле од адвокатскиот тим на Јанева. Неофицијално, таа е под 24 часовен надзор од затворска полиција, а не од МВР. А исто така според неофицијални информации има и обезбедување од приватната здравствена установа. Сместена е сама во соба, бидејќи не смее да има контакт со останати пациенти.
Извори за ТВ Сител од затворот во Шутка велат дека таа има право на лекување во приватна болница, но во такви случаи прегледите и болничкиот третман ќе ги плати од свој џеб.
Ова значи дека освен што незаконски и дозволиле да лежи во приватна клиника наместо во арестантското одделение на државната Клиника, со парите од Рекет, Катица Јанева ќе го плати престојот во болница, бидејќи ниедна нејзина сметка, средства или имот не се замрзнати.
Во обвинението е наведено дека остварила имотна корист од 50.000 евра од Рекет.
Освен Јанева, изминатиот период неколку пати на лекар одеше и Бојан Јовановски кој со специјалната обвинителка се осомничени во исто дело. Но, Боки 13 два пати со болничко возило беше однесен на преглед на Дигестивна хирургија и последниот пат во ГОБ 8-ми септември, каде заврши со Брза помош откако му се слоши на денот кога требаше да дава исказ во Обвинителството.