Откако претседателката на судот го заврши првиот дел од сослушувањето на лидерот на Златна зора, Никос Михалољакос во судскиот процес против партијата и закажа ново рочиште за утре, тензична беше атмосферата во атинскиот суд со слогани и дофрлања меѓу поддржувачите на Златна зора, од една, и семејството и пријателите на убиениот музичар Павлос Фисас, од друга страна, а меѓу нив фоторепортери и силно полициско обезбедување, јави дописничката на МИА од Атина.

По сослушувањето и завршувањето на рочиштето, мајката на убиениот Павлос Фисас, негови роднини и пријатели извикуваа „убиец” кон Михалољакос, по што поддржувачите на Златна зора го скандираа нивниот партиски слоган „Крв, чест, Златна зора”, за веднаш да добијат одговор од другата страна „Павлос е жив, уништете ги нацистите”.

Специјалните полициски единици формираа два коридора, за двете страни да не дојдат во директен контакт и за да се избегнат инциденти, а поддржувачите на Златна зора со туркање и вербално ги нападнаа фоторепортерите.

Тензијата траеше кратко, по што двете страни, од различни излези ја напуштија судницата.

Првиот дел од сослушувањето траеше три и пол часа, а ќе продолжи утре наутро.

-Изјавувам дека сум невин за обвиненијата против мене, сметам дека станува збор за политички наместен случај од 25 години, рече Михалољакос, на почетокот од неговиот исказ што траеше 40 минути, по што одговори на десетици прашања од обвинителите.

Првиот човек на Златна зора кој е обвинет за формирање и управување со криминална организација, во неговиот исказ говореше и за моментот кога беше уапсен, коментирајќи дека дошле маскирани лица со црни блиндирани автомобили „како да го апсат Бин Ладен“.

Ги негираше тврдењата дека се криминална организација, рече дека обвиненијата доаѓаат откако во 2012 година започнал да се зголемува рејтингот на партијата, истакна дека се една обична партија на националисти, а не на нацисти.

За убиството на музичарот Павлос Фисас, Михалољакос неколку пати повтори дека тоа нема никаква врска со партијата.

-Вашата позиција е дека нема врска со партијата?, праша претседателката на судот.

-Да, секако дека нема врска со партијата, рече лидерот на Златна зора.

-Тогаш убиството со што е поврзано?, праша претседателката на судот.

-Со убиство на еден човек, убиен од друг, кусо одговори Михалољакос.

На почетокот на рочиштето, при влезот во салата, лидерот на Златна зора беше исвиркан од присутните, мајката на Фисас држеше в рака мал плакат со бројот шест (Фисас беше убиен пред шест години, во септември 2013), додека пак поддржувачите на партијата станаа од нивните столчиња за да го поздрават Михалољакос.

Денешното судско рочиште и сослушувањето на Михалољакос го следеа и голем број претставници на грчки и странски медиуми, а во судницата беа присутни над 50 новинари.

Паралелно со почетокот на рочиштето, пред судот протест одржаа антирасистички здруженија и организации.

Процесот против Златна зора, кој го нарекуваа еден од најважните и најобемните судски процеси во современата грчка историја, започна пред повеќе од четири години, на 20 април 2015, а сега веќе влегува во последната, финална фаза.

Досега беа сослушани речиси сите поранешни пратеници од партијата, а последен е лидерот на Златна зора, Никос Михалољакос.

На претходното рочиште одржано минатата среда, исказ даде Јанис Лагос кој на европските избори одржани во мај беше избран за европратеник, а според судскиот предмет високо котира во хиерархијата на „криминалната организација Златна зора“.

Вистинското лице на Златна зора, се откри по убиството на Фисас.

Неколку часа по полноќ на 18 септември 2013 како бомба одекна веста во Грција дека 34-годишен маж е убиен во атинската населба Керацини. Левичарски ориентираниот музичар Павлос Фисас до смрт беше прободен со нож од Јоргос Рупакиас, член и поддржувач на Златна зора.

Клопчето започна да се одмотува, полицијата ги извади сите стари предмети кои се однесуваат на расистички напади, ги провери телефонските разговорите на убиецот Рупакиас и откри поврзаност со членови, но и тогашни пратеници на неонацистичката партија. Грчката тајна служба до обвинителството достави листа со телефонски повици меѓу Златнозорците веднаш по убиството на Фисас. Постоела континуирана комуникација меѓу еден од уапсените пратеници со одговорниот на штабот во кој доаѓал убиецот. Телефонските разговори ги демантираа тврдењата на челниците на Златна зора дека немаат никаква поврзаност со убиството и дека не го познаваат убиецот.

Златна зора од политичка партија стана криминална организација. Десет дена по убиството на Фисас, следеа апсење на пратеници, одредување мерка притвор и собирање докази за активностите на Златна зора. Обемниот судски предмет откри дека Златна зора од 1987 функционирала како воена структура, хиерархиски подредена според неонацистичките модели, а апсолутен лидер е претседателот Никос Михалољакос.

Деветнаесет месеци по убиството на Павлос Фисас, инцидент кој ја прелеа чашата, ги симна маските и го покажа вистинското лице на Златна зора, на 20 април 2015 во специјално прилагодена просторија во атинскиот затвор Коридалос и под силно полициско обезбедување, започна судскиот процес.

Дел од поранешните пратеници на Златна зора, како и лидерот Никос Михалољакос, 18 месеци поминаа во притвор, откако беа обвинети за формирање, здружување и водење на криминалната организација, која како политичка партија во 2012 првпат влезе во грчкиот парламент, кое не успеа да се повтори и на последните парламентарни избори.

На изборите на 7 јули не ја достигна потребната граница од три отсто, освои 2,93 проценти од гласовите и не обезбеди место во Парламентот. Пред четири години, на тогашните парламентарни избори освои 6,99 отсто и 18 пратенички места.

Случајот со криминалните дела на Златна зора започна за време на владата на Нова демократија и ПАСОК со апсење на осомничените, продолжи со почеток на судскиот процес за време на СИРИЗА, а ќе заврши сега, кога на власт е Нова демократија.