Вистински спектакл вечерва во Македонската филхармонија. Со многу емоции, овации, неколкуминутни аплаузи на отворена сцена и полна сала до последното место, во Македонската филхармонија вечерва се одржа предновогодишен концерт во организација на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.
Оркестарот на македонската Армија на воодушевување на преполната сала заедно со музичари од Вооружените сили на Франција, Унгарија, Италија и САД донесе вистинско уживање за публиката.
Концертот, кој се одржа под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, понуди разновиден репертоар од светски познати автори како Жорж Бизе, Јоханес Брамс, Џорџ Гершвин и Џоакино Росини, но и композиции од земјите на гостинските оркестри. Најголемата ерупција на воодушевување се случи со изведбите на воените оркестри во придружба на Андријана Јаневска и „Заветна“, „Учи ме мајко, карај ме“, како и на изведувачите од посилниот пол со „Налеј, налеј“ и македонски евергрини. Публиката беше воодушевена од фантастичниот репертоар.
Настанот го проследија бројни гости, меѓу кои и претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници, претставници на дипломатскиот кор и многу други.
Со моќни звуци и извонредни изведби, концертот беше уште една потврда за успешната соработка помеѓу оркестрите на македонската Армија и армиите на НАТО-сојузниците. Гостите ја наградија изведбата со долг и бурен аплауз, препознавајќи ја важноста на овој културен и музички мост.
Извор: Курир