Кривичниот совет на Основниот кривичен суд ја замени мерката затворски притвор со куќен притвор за Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски кои се обвинетите за нападот во Собранието на 27 април 2017 година. На Миле Јанакиевски му го продолжи куќниот притвор уште за 30 дена. Кривичниот совет одлучуваше по барање на Обвинителството за организиран криминал кое денеска подигна обвинение за четири лица- обвинети дека се организатори на наислниот упад.

–Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство, а во однос на денеска поднесниот обвинителен акт за настаните од 27 април 2017 година, кои се случија во Собранието, Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје донесе решение со кои го прифати предлогот и на двајца од обвинетите мерката притвор им ја замени со мерка куќен притвор, а на еден од обвинетите мерката куќен притвор му ја продолжи за 30 дена, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.

ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, претходно информираше дека е поднесен обвинителен акт против четири лица. На обвинетите им се става на товар дека сториле кривично дело – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За две лица, кои во моментов се недостапни на органите на прогонот, постапката е запрена до нивно пронаоѓање.

Како што соопшти Обвинителството, наодите од истражната постапка укажуваат дека обвинетите, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада на Република Македонија, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство. За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ што кулминираа со насилното влегување во Парламентот на 27 април 2017 година. Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието.

Криичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување на насилство. Во седиште на политичка партија двајца од обвинетите континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.

Во исто време, еден од осомничените, за кого постапката е прекината поради недостапност, со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот „Жена Борец“ донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Во текот на немирите еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг собата во Собранието на Република Македонија да ги извадат хард дисковите од собраниските камери. Со сите овие усогласени и поврзани дејствија и активности обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, а притоа дел од пратениците и новинарите се здобиле со телесни повреди.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка при Кривичен суд Скопје доставил предлог за продолжување на мерката куќен притвор за еден од обвинетите, додека за двајца обвинети предложи определената мерка притвор да биде заменета со мерка куќен притвор.