Предлозите за реконструкција на Владата премиерот Зоран Заев денеска треба да ги достави до Собранието на Република Македонија, а се очекува до крајот на месецот тие да бидат ставени на дневен ред на пленарна седница за да се докомплетира Владата.

Минатата недела Заев најави дека нови коалициски партнери во Владата ќе бидат БЕСА на Африм Гаши, ДПА и Сојузот на Ромите на Амди Бајрам.

– Имаме постигнато договор со БЕСА на пратеникот Африм Гаши, со ДПА и со Сојузот на Ромите на Амди Бајрам, кој делуваше независно во изминативе месеци, изјави вчера Заев.

Тој додаде дека дека Бајрам нема да добие министерски места, туку други позиции. Како што објавија медиумите извесно е заминувањето на Рената Дескоска од Министерството за образование и наука во Министерството за правда. Дескоска вчера одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира шпекулациите за нејзиниот трансфер во Министерството за правда, рече „мислам дека толку се интензивираа што веќе денеска не се ни на ниво на шпекулација“.