Во пресрет на 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ, комуналните служби на општина Карпош ја чистеа околината и спомен-обележјата на борците од Народноослободителната борба.
Како што соопшти Општината, утрово се чистеше во околината на двата споменика подигнати во чест на народниот херој Кузман Јосифовски-Питу во населбата Козле. Исто така, беше исчистен делот во должина на булеварот „Илинден“, кај споменикот на Првиот скопски партизански одред.
– Локалната самоуправа во повеќе наврати ги чествува значајните историски датуми од овој период. Моментите на ослободувањето на македонскиот народ и борбата против фашизмот се светли делови од нашата историја и секогаш кон нив треба да се однесуваме со пиетет и гордост, соопшти Општина Карпош.
Ова е добар потег на скопската Општина Карпош. Но, Македонија памети дека тие што сега се на власт, и локална и централна, само до пред неколку години по истите споменици фрлаа и ги мачкаа со „бомби со боја“ и говореа дека споменици не и требаат на Македонија. Дека и треба иднина и дека ќе ги уриваат.