Министерството за надворешни работи на Србија се огласи за првпат од почетокот на актуелната криза во Украина и соопшти дека Србија е посветена на мирно решение на ситуацијата и дека ескалацијата на руско-украинскиот конфликт ќе има негативно влијание врз надворешната политика на Белград, јави дописникот на МИА од Белград.
„Потенцијалната ескалација на конфликтот Москва-Киев ќе има негативно влијание врз надворешната политика на Србија, имајќи предвид дека ние сме два пријателски и братски словенски народи“, се вели во писмената реакција на МНР до Гласот на Америка.
„Србија во никој случај не е дел од политичкиот или кој било друг конфликт меѓу Русија и Украина. Ние не сме и нема да бидеме дел од проблемот и подготвени сме да бидеме дел од решението што ќе значи смирување на тензиите“, се вели во соопштението на српското МНР.
Се додава дека е неопходно да се намалат тензиите и да се даде шанса на дипломатијата.
„Веруваме дека интензивната дипломатска активност ќе вроди со плод, дека тензиите ќе се смират и дека ќе се избегне поширока ескалација на конфликтот“, соопшти Министерството.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера го прими во проштална посета амбасадорот на Украина во Белград, Олександар Александровиќ, а во соопштението по средбата се вели дека тие разговарале за подобрување на соработката меѓу двете земји и посветеноста на Белград и Киев за почитување на меѓународното право.
По руската анексија на Крим во 2014 година, Србија не го призна Крим како дел од Русија, а како што изјави Вучиќ во 2018 година, тоа не е направено бидејќи тоа би значело дека „Србија на тој начин ја признава независноста на Косово“ и „би си пукала себеси во нога“.
Од друга страна, Србија не се приклучи кон економските санкции на ЕУ кои ѝ беа наметнати на Москва поради анексијата на Крим и гласаше против неколку резолуции на ОН со кои се констатира кршењето на човековите права на Крим или се осудува анексијата на тој полуостров.
Ниту Русија, ниту Украина не ја признаа независноста на Косово.