По најавите на српскиот претседател Александар Вучиќ за големи кадровски промени во СНС, како и смена на 50 до 60 отсто од министрите во владата по победа на пролетните избори и неговиот коалициски партнер, шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ, денес најави „перестројка“ во неговата Социјалистичка партија на Србија (СПС).

-Подготвувам вистинска перестројка. Повеќе нема да гледам низ прсти. Сите ќе одат на скенер, министри, пратеници и партиските функционери… Ќе имаме многу работа тука, изјави Дачиќ за Српски Телеграф, додавајќи дека „некои сметаат дека ја завршиле работата со тоа што добиле функција“.

Тој порача дека ова особено се однесува на министрите и оние во државната служба, бидејќи овие луѓе се избрани да работат за државата и да придонесуваат за Србија и за подобрување на животот на граѓаните, а наместо тоа, некои „уживаат во сенка и користат привилегии“.

На прашањето дали некој член на владата на СПС ќе „лета“ од функцијата, Дачиќ одговори дека ќе биде барем еден министер, а можеби и повеќе.

-Ние секогаш ги имаме истите лица кои се подготвени да скокнат во огнот, да се борат додека другите, кога е густо, ги чувааат фотељите, клечат во близина, дури ни глас не пуштаат кога ќе нè нападнат, рече Дачиќ.

Тој додаде дека, како и Александар Вучиќ, лидерот на СНС кој најави смена на министрите, и тој верува дека на партијата и треба свежа крв и млади лавови кои се подготвени да работат со полна пареа.

Во српската Влада од редовите на СПС има двајца министри, Александар Антиќ, кој е министер за енергетика, и Бранко Ружиќ, кој е на чело на Министерството за државна управа.

Оваа изјава на Дачиќ уследи по неделната најава на Александар Вучиќ дека СНС ќе излезе на пролетните парламентарни избори и покрај изгласаниот бојкот од страна на опозициските партии – Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ, Двери на Бошко Обрадовиќ и Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас.