Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров оствари билатерална средба со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, се посочува во соопштение на руското Министерство за надворешни работи.
Средбата се одржа по министерскиот состанок на земјите-членки на Шангајската организација за соработка (ШОС), а Лавров е во Пекинг во рамки на официјална посета. Во неделата тој се сретна и со својот кинески колега, министерот за надворешни работи Ванг Ји.
Според соопштението на руското МНР, Лавров и Си разговарале за подготовките за претстојната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Кина, каде што ќе учествува на самитот на ШОС и на свеченостите по повод 80-годишнината од победата над Јапонија во Втората светска војна.
„Лавров му пренесе на кинескиот претседател пријателски поздрави и најдобри желби од страна на рускиот претседател Владимир Путин. Беа разгледани повеќе прашања поврзани со билатералните политички контакти на највисоко ниво, вклучително и подготовките за посетата на Путин на Народна Република Кина“, се наведува во соопштението.
Кинескиот претседател Си Џинпинг ја поздравил најавената посета на рускиот лидер, со кого, како што било истакнато, го поврзува „долгогодишно и искрено пријателство“.
Си Џинпинг, според руското МНР, дал висока оценка на состојбата на билатералните односи меѓу двете земји и потврдил заложба за понатамошно унапредување на севкупното стратешко партнерство и соработка со Русија.
На средбата биле дискутирани и актуелни меѓународни и регионални теми.
Си нагласил дека дипломатските служби на двете земји треба и понатаму да го спроведуваат постигнатиот консензус на највисоко ниво и да ја зајакнуваат заемната поддршка и координација во рамките на ШОС.
– Надворешнополитичките институции на Кина и Русија треба да продолжат со имплементација на важните договори кои беа постигнати меѓу мене и претседателот Путин, рече Си Џинпинг.
Кинескиот претседател го нарече Лавров „стар пријател на кинескиот народ“ и додаде дека тој и министерот Ван Ји одржуваат тесни контакти и спроведуваат плодна билатерална соработка.
фото: ДПА/ЕПА