Претставници на Јужна и на Северна Кореја се договорија утре да одржат средба на високо ниво на која ќе се разгледаат неопходните чекори за исполнување на ветувањето за претворање на Корејскиот Полуостров во зона без нуклеарно оружје.

Јужнокорејското Министерство за национално обединување соопшти дека предлогот за утрешната средба дошол од Пјонгјанг.

Во соопшението се прецизира дека средбата ќе се одржи во пограничното село Панмунџом. Северна Кореја ќе испрати 29 официјални претставници од различни сфери предводени од претседателот на Комитетот за мирно обединување на земјата И Сон – Гуон. Петчлената јужнокорејска делегација ќе ја предводи министерот за национално обединување Чо Мјон-Кјон.

Северна Кореја за 23 до 25 мај закажа затворање на својот нуклеарен полигон за да го исполни ветувањето да запре со нуклеарните проби. Тоа ќе се случи по корејскиот Самит што се одржа на 27 април и пред историската средба меѓу севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп, што е закажана за 12 јуни во Сингапур.