Во Варшава денеска почнаа разговорите меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот полски колега, Анджеј Дуда, за зајакнување на источното крило на НАТО и предизвикот пред светот по рускиот напад врз Украина, како главна билатерална точка од дводневната посета на американскиот претседател на Полска.
Официјална Варшава очекува посетата на американскиот претседател, инаку вонредно договорена како манифестација на сојузничкото единство и поддршка за Украина, да може да даде поттик за зајакнување на американското воено присуство во Полска и сегашните околу 10.000 војници, кои ротациски престојуваат во земјата, да можат да останат постојано во неа.
-Ние сме во состојба да примиме десетици илјади војници, изјави синоќа полскиот претседател Дуда, а Варшава е заинтересирана и за забрзано купување на американско оружје, борбени авиони и модерни системи за вооружување.
Бајден денеска, на вториот ден од посетата на Полска, се приклучи на состанокот на неговите министри со украинскиот министер за одбрана и министерот за надворешни работи, соопшти Белата куќа.
По средбата со полскиот претседател, Бајден, заедно со полскиот премиер Матеуш Моравјецки и опозицискиот градоначалник на Варшава, Рафал Часковски, ќе ги посети украинските воени бегалци на Националниот стадион во Варшава, каде што се врши нивната регистрација за добивање полски матични броеви, што им овозможува да бараат вработување и здравствената заштита.