Добрите односи и новите иницијативи за соработка меѓу Македонија и Косово се од исклучително значење за Западен Балкан и за секоја земја во регионот одделно од аспект на заедничките аспирации за членство во Европската Унија, констатирале на денешната средба во Скопје премиерот Зоран Заев и претседателот на партијата „Самоопределување“ од Република Косово, Албин Курти.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, на која присуствувале и пратениците Мухамед Зекири од Собранието на Македонија и новоизбраните пратеници од Самоопределување во косовскиот парламент Фиторе Пацоли и Либурн Алиу, биле потврдени исклучително добрите односи меѓу двете земји, а се разговарало за идната соработка која има силни потенцијали да ги зајакне билатералните врски во интерес на граѓаните на Македонија и Косово.
На средбата како приоритети биле издвоени проектите за инфраструктурно поврзување, меѓу кои, освен автопатот Скопје – Блаце, се посочиле како особено добредојдени патните поврзувања меѓу Тетово и Призрен, како и дооформувањето на капацитетите на граничниот премин Јажинце кои во голема мерка ќе ја олеснат комуникацијата на граѓаните и на бизнис иницијативите меѓу градовите од западниот дел на Македонија и југозападниот регион на Косово.