Неприлагодена брзина кон условите на патот, најверојатно е причината за сообраќајната несреќа на патот Лесковац-Ниш во која македонски автобус излета од патот, при што три лица ги загубија животите, а 32 се повредени, јавуваат српските медиуми.
Несреќата се случи ноќта меѓу саботата и неделата кога автобус излетал од патот и се превртел. Српските медиуми јавуваат дека возачот, кој се сомничи дека е одговорен за трагедијата, е уапсен.
–Автобусот во саботата околу 20 часот тргнал од Прилеп за Виена. Кога бил во близина на Лесковац изненадно слетал од коловозот. Според досегашните информации, постои сомневање дека возачот возел со брзина од околу 100 километри на час иако патот бил завеан со снег и лизгав, што довело до несреќата, вели извор од истрагата за српските медиуми.
Противпожарни, полициски и екипи на Итната медицинска помош набрзо пристигнале на лице место.
-Глетката беше страшна. Автобусот беше свртен на страна, патниците лелекаа и бараа помош, додека скршени стакла беа разлетани на сите страни. Четири лица беа заробени во автобусот. Докторите веднаш истрчаа да помогнат, за жал, за тројца беше доцна, вели соговорник за „Србија данас“.
Неколку патници биле приклештени во автобусот, додека две жени биле заробени под возилото.
-Се разбудов и слушнав луѓе како бараат помош. Рацете и главите им беа во крв. Пожарникарите дојдоа на помош и не’ спасија, раскажува момче од Битола.
Сите повредени веднаш биле транспортирани во болниците во Ниш и Лесковац.
Во лесковачката болница се хоспитализирани 28 патници, од кои четири добиле тешки повреди.
-На домашно лекување се пуштени 14 лица, но тие ќе останат во болница додека не дојде по нив превоз од Македонија, изјавиле од болницата до Лесковац.