Претседателката на Сојузот на стопански комори Даниела Арсовска е добитник на награда за особен придонес во развојот на претприемништвото во Средна и Југоисточна Европа во 2018 година, што се додели во рамки на 6. Регионален самит на претприемачи во Дубровник, Хрватска.
Признанието за ССК и Арсовска е резултат на минатогодишниот проект за поддршка на претприемништвото на национално и меѓународно ниво, како и за квалитет на лидерство за водење на институција.
Наградата секоја година во рамки на Регионалниот самит на претприемачи ја доделува Меѓународниот комитет за доделување награди и признанија од Република Хрватска и Меѓународниот економски форум за претприемачи.
Арсовска, информираат од ССК, на самитот посочила дека претприемачите се носители на голем потенцијал за зголемување на економскиот раст, како и за поттикнување на иновативноста во приватниот сектор.
– Заложбите на Сојузот континуирано се насочени кон поттик и поддршка на претприемништвото. Покрај тешкиот и ограничен пристап до финансии за претприемачите, „трите К“ се посочени како најголем предизвик. Контролата односно инспекцискиот надзор се потешкотија за секој кој отпочинува сопствен бизнис и нема ресурси да ја следи и да се усогласува со регулативата. Затоа контролите се особено стресни и се можност за уназадување на претприемачите поради изречени глоби за неусогласеност, изјави Арсовска.
Според неа, за претприемачите, односно новоотворените мали компании најдобра поддршка што може да ја добијат во првите години од отпочнувањето на бизнисот е дерегулацијата.