Традиционалната манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ годинава ќе се одржи на 28 март, кога по 23 пат ќе бидат прогласени најуспешните 10 жени менаџерки за 2018 година.

Во годинашниот избор во топ 10-те најуспешни менаџерки, како што информира агенцијата „Марили“ која е организатор на манифестацијата, е и првата жена полковник, командант на Воено-медицински центар – Скопје, Ирена Минева. Останатите лауреатки се од приватниот сектор, од компании од различни области и дејности и најчесто се препорачани од нивните деловни колеги и партнери.

Годинашни лауреатки се: Даниела Адемоска, сопственик и генерален менаџер во Double Tree by Hilton – Скопје,  Наташа Ангеловска, генерален менаџер на Тродат-Тромак – Скопје, Маја Ацески, продукциски и извршен менаџер на „Златекс– Скопје, Ивана Ѓоргиевска Матевска, оперативен директор на ХАСЕЛТ – Скопје, Марија Секуловска Митревска, генерален менаџер на „Бага Фоод“ – Битола, Даниела Карадаков, директор на Бизнис-академија Смилевски (БАС) – Скопје, Јасна Ажиевска Петрушева, административен извршен директор на Мермерен комбинат АД Прилеп – Прилеп, Викторија Рафајловска, генерален менаџер на „Викторија Боб ДОО“ – Гостивар и Нина Шерифовска, извршен директор на „Парк резиденс“ – Скопје и 10 Ирена Минева, полковник – командант на Воено-медицински центар – Скопје, АРМ.

Манифестацијата ја афирмира жената во бизнисот како успешен менаџер и го потврдува развојот на женското менаџерство во оваа долга традиција, а истовремено претставува и поттик за младите генерации образовани жени.

Агенцијата „Марили“ и годинава петти пат ќе го организира тематскиот ден „Дама-да-Здравјето и убавината во функција на современата жена“.

Тематскиот ден под слоганот „Дама-да-Донира“ ќе се одржи на 30 март во Домот на АРМ и годинава има хуманитарен карактер. Средствата од секоја купена влезница за тематскиот ден ќе бидат наменети за Специјалниот завод во Демир Капија, што е поддржано од Министерството за труд и социјална политика и министерката Мила Царовска.

Во рамки на тематскиот ден планирани се бројни предавања од медицина, фармација, дерматологија, козметологија, здрава исхрана, родителство, како и работилници за кариера, личен развој и бизнис-психологија. На настанот ќе се одржат и дебати за современиот животен стил и трансформацијата на жената преку модата.