Да престане укинувањето на донесените детални урбанистички планови (ДУП) зашто тоа ја доведува во прашање правната сигурност на инвеститорите, а големи финансиски штети, освен нив, трпат и останатите поврзани сектори, граѓаните кои одлучиле да купат стан, како и банките и државата, апелира денеска Сојузот на стопански комори (ССК).

Според Градежната комора на Македонија, со укинувањето на постојните ДУП-ови, практично се укинува високоградбата. Инвеститорите ќе престанат да градат и ќе пропаднат. Воедно се ипраќа сигнал до компаниите, и домашни и странски, никогаш да не инвестираат во Македонија.

– Правната сигурност не смее да се доведува во прашање, ниту да се доведуваат во неизвесност инвеститорите кои немаат никаква поврзаност со донесувањето ДУП-ови или купувачите на недвижен имот и банките што ги дале кредитите врз основа на предимотен лист или хипотеки, рече на прес-конференција претседателот на Градежната комора Ивица Јаќимовски.

И Зоран Азманов од „Настел“ реагираше на немањето правна сигурност.

– Немаме никаква правна сигурност на капиталот. Сме вложиле милиони евра во локација и градење, кои пропаѓаат со само едно барање за заштита на животната средина поради кое се укинува ДУП-от, а ние не можеме да поднесеме жалба,  истакна Азманов.

Од Градежната комора велат дека досега во Македонија никогаш не се случило да се укине ДУП. Во последниот период се укинати три детални урбанистички планови во Карпош кои опфаќаат голем дел од површините на кои се гради.

Според проценките на Градежната комора, со моментот на укинување на ДУП-овите или мораториумот, државата претрпува штета поголема од една милијарда евра, а донесувањето нов ДУП е сложен процес што трае повеќе од две години.