Владата уште утре да го исполни ветеното линеарно зголемување на платите на работниците во јавниот сектор од 2.806 денари, а Собранието да ги повлече предложените измени за Законто за работни односи за недела да е работен ден во туристичките места, побара вечерва од Охрид Сојузот на синдикати на Македонија. Во спротивно најавија носење одлука за генерален штрајк и блокада на сите институции.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски на прес-конференција рече дека работници, нивни членови пријавиле загриженост за најавата на министерот за економија Крешник Бектеши недела да е работен ден во туристичките места, притоа не прецизирајќи кои се места ќе бидат опфатени.

– Имаме големо незадоволство меѓу работниците, бидејќи голем бенефит за нив е недела не работен ден и нема цена што би ги натерала да работат во недела, знаејќи дека денот го поминуваат заедно со своите фамилии. Сметаме дека предлогот од Министерството за економија е крајно неприфатлив како за нас претставниците на работниците, синдикатите така и за самите работнции во трговијата и бараме од Собранието да не бидат изгласани овие законски измени со цел да не ги оштетиме работниците и да не ги уназадиме работничките права, истакна Димовски.

Најави дека в петок ќе носат конечна одлука за генерален штрајк, кој во моментот, според претседателот на ССМ, е неминовен поради завршувањето на мерките за ограничувањето на основните производи и најавите од трговците на големо и на мало за над 10 отсто зголемување на цените.