Дополнителната заменик министер за информатичко општество и администрација Невенка Стаменковска Стојковски со објава на својот Фејсбук профил реагира на денешниот состанок на министерот за МИОА Дамјан Манчевски со директорката на Државниот управен инспекторат, Фаница Николоска.
Стаменковска Стојковски во објавата вели дека денеска Манчевски „не одржал состанок со Фаница Николоска директорка на Државниот управен инспекторат, туку со Фаница Николоска кандидатка за пратеник на СДСМ“.
– Да беше Фаница Николоска директорка на Државниот управен инспекторат, секоја година, како што бара законот, ќе вршеше редовен инспекциски во сите институции на јавниот сектор, а во врска со вработувањата во јавниот сектор и оценувањето на административните службеници. Но, Фаница Николоска е кандидат за пратеник на СДСМ, а не директор на државен орган кој се грижи институциите да работат законски. Не врши надзор овие изминати три години и директорите кои се нејзини сопартијци нема кој да ги казни за незаконското работење, потенцира меѓу останатото дополнителната заменик министер Стојковски.
Таа наведува и дека „Манчевски и Николоска денеска не се состанале за молкот на Агенцијата за вработување за околу 10 илјади предмети за право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок, кои во управна постапка и после 5 и пол месеци немаат никаков одговор, туку, како што посочува, се договарале какви изборни спотчиња ќе снимаат за замајување на јавноста“.
Како што пишува во објавата, Николоска и Манчевски три години не констатирале неправилност во ниту една институција, а поврзано со Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавен сектор.
-Нивна единствена обврска е да замижуваат пред очигледните непочитувања на правата на вработените во јавниот сектор и незаконските вработувања да ги направат законски поради застареност на предметите. Затоа Фаница Николоска е наградена за пратеник во ИЕ 6. За да може да продолжи со непостапување по претставките од вработените во јавниот сектор, а со тоа и да може да врши притисок и уцена врз истите овие вработени а во полза на СДСМ и нејзиното пратеничко столче. Фаница Николоска повеќе истрча за СДСМ овие неколку денови во изборната кампања, отколку што законски сработи за три години колку што е директорка на Државниот управен инспекторат, истакнува Стаменковска Стојковски.