Европската Унија и нејзините земји членки засега се уште не решиле дали ќе присуствуваат на утрешната инаугуративна церемонија во Москва со што официјално треба да започне новиот мандат на рускиот претседател Владимир Путин, соопшти денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
– Можам да потврдам дека поканата од Кремљ за утрешната инаугурација на Путин е пристигната и до земјите членки и до Делегацијата на ЕУ во Москва. Ние секогаш имаме за цел да изградиме координиран европски пристап кога е во прашање надворешната политика, па во моментов меѓу земјите членки се дискутира како да се одговори земајќи ги предвид сите релевантни елементи, истакна Стано.
Тој нагласи дека засега не е донесена никаква конечна одлука во однос на поканата, но потенцира дека високиот претставник на ЕУ за надворешна политика безбедност Жозеп Борел е против учество на претставници на Унијата на овој настан во Москва.
Фото: ЕБС