Со оглед на новонастанатата ситуација во врска со Пописот 2021 до завршувањето на постапката во Собранието, Државниот завод за статистика информира дека нема да ги отпочне пописните активности на терен.
– Со оглед дека е предвидено Пописот да трае 21 ден, односно до 21 април, Државниот завод за статистика смета дека има доволно време сите предвидени пописни активности да се завршат на време. Во периодот додека се чека разрешница во Собранието на РСМ, Заводот уште еднаш ќе направи проверка на сите организациско-технички активности на терен за да биде уште повеќе сигурен дека сè е подготвено за евентуално започнување со теренското попишување, се вели во соопштението од ДЗС.
Од Државниот завод за статистика, посочуваат дека за сите активности што следуваат, навремено ќе ја информира јавноста.
Министерот за правда Бојан Маричиќ очекува Собранието денеска да ја започне седницата за одложување на пописот, кој, како што вели, се уште не е почнат. Но, потенцираше дека одлуката кога ќе има седница на Собранието ќе ја донесе претседателот Талат Џафери. Маричиќ е дециден дека иако денеска официјално требаше да почне пописот, никој не го крши законот.
-Никој не го крши законот. По стандардите на Еуростат, пописот би требало да трае околу 15 дена. Битно е согласно постоечкиот закон кога е крајната точка. Може да почне и со неколку дена одложување. Знаеме дека идејата е пописот да биде одложенза септември. Тоа е формулирана во предлог измена на законот, изјави Маричиќ за ТВ 24 вести.
Министерот за правда рече дека направени се техничките исправки што ги побара претседателот на Собранието за одложување на Законот за попис.
-Најавата ми е мене денеска би требало да има седница но тоа е одлука на претседателот на Собранието, рече Маричиќ, поренцирајќи дека очекувањата му се во текот на денот да има седница. Законот ќе се носи по скратена постапка и со европско знаменце, така што расправата доколку има амандмани би завршила најмногу за два дена.
Министерот за правда рече дека најголем дел од пратениците го поддржуваат одложувањето на пописот, освен Алијанса на Албанците и Алтернатива.
-Значи законот ќе помине само е прашање дали ќе помине денеска, утре или во сабота зависи колку време ќе треба за работа на Комисијата, рече Маричиќ.
Вчера требаше да се одржи седница, но Џафери му ги вратил измените за пописот на Маричиќ оти не биле подготвени како што е потребно.