Брисел очекува позитивно решение како заеднички остварен резултат на сите страни за успешна интеграција на Македонија во ЕУ и потврди дека Македонија е подготвена за првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ.
Ова, меѓудругото беше посочено во вчерашниот телефонски разговор меѓу претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и премиерот Зоран Заев. Дер Лајен повтори дека Македонија е успешен и позитивен пример за Западен Балкан за остварените реформи, за постигнатите договори со Грција и Бугарија, и за лидерството во регионалната соработка.
Заев ја информирал претседателката на ЕК и за тековните разговори со Бугарија и ги презентирал позициите на Македонија. Во тој контекст, Заев се заблагодарил за личниот ангажман на претседателката на ЕК, како и на сите еврокомесари, особено нагласувајќи го ангажманот на овој план на германското претседателство со ЕУ и за посветеноста да се најде решение, кое ќе биде успех за Македонија, за Бугарија, за ЕУ и за Западен Балкан.
Во меѓувреме, реномираниот магазин „Еуроњуз“ објави анализа „Бугарија става кочници за соништата на С. Македонија за ЕУ. Еве зошто“, во која вели дека долгогодишниот спор меѓу Македонија и Грција е решен, а европските лидери му дадоа зелено светло на Скопје за влез во ЕК. Но, пред Македонија постои уште една пречка – Бугарија.
Според „Еуроњуз“, Бојко Борисов тоа го прави заради неговите внатрешно-политички проблеми. Софија, која моментално зафатена со долготрајни антивладини протести, се противи на започнувањето на разговорите за членство, велејќи дека не е задоволна од „сегашната рамка за преговори“.
-Протестите против корупцијата во Бугарија траат повеќе од 100 дена, а демонстрантите бараат оставка од премиерот Бојко Борисов и главниот обвинител Иван Гешев. Тие се обвинети за поврзаност со олигархиската мафија. Борисов, кој одби да поднесе оставка, досега преживеа пет гласања за недоверба во Парламентот, наведува магазинот.
Додава дека непријатна вистина е дека за Бугарија, процесот на пристапување кон Македонија е начин да извлече отстапки во исклучително деликатен момент за Скопје. Иако повеќето од барањата се нематеријални прашања како идентитетот и историјата, тие ја одрзауваат потребата на бугарската Влада за заземе силна националистичка позиција поради внатрешно политички причини. Особено во време на обвинувањата за корупција, улични протести и економски тешкотии заради пандемијата, пишува „Еуроњуз“.дека процесот на проширување е привлечна алатка за членките на ЕУ да наметнат политики и промени на нивните соседи кои се надвор од ЕУ.
За Бугарија, процесот на пристапување кон Македонија е начин да извлече отстапки во исклучително деликатен момент за Скопје. Иако повеќето од барањата се нематеријални прашања како идентитетот и историјата, тие ја одрзауваат потребата на бугарската Влада за заземе силна националистичка позиција поради внатрешно политички причини. Особено во време на обвинувањата за корупција, улични протести и економски тешкотии заради пандемијата, пишува „Еуроњуз“.
Натаму, наведува дека Бугарија сака Скопје да го признае бугарското потекло на македонската нација и да се откаже од какви било тврдења дека во Бугарија има посебно македонско малцинство, што Софија не го признава бидејќи ги смета сите кои се нарекуваат Македонци како Бугари.
Според Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС), наведува „Еуроњуз“, етничките Македонци сочинуваат 10 проценти од населението во Бугарија. ИФИМЕС, исто така, во неодамнешната анализа тврди дека „бугарскиот и македонскиот јазик се два различни јазика за кои во меѓусебната комуникација е потребно толкување/превод, за разлика од на пример, во случајот на српскиот и хрватскиот јазик за кои во јазичната комуникација не се бара толкување/превод“.
„Еуроњуз“ натаму наведува дека несиполнувањето на ветувањата кон земјите од Западен Балкан го нарушува имиџот на ЕУ и ја компромитира политиката на проширување. Ова му штети на имиџот на ЕУ во регионот и внесува сомнеж во нејзините ветувања дека проширувањето ќе биде веродостојно за другите земји од Западен Балкан, се наведува во анализата на магазинот.
Српскиот аналитичар Срѓан Мајсторовиќ кој е одличен одличен познавач на приликите во регионот и експерт за европски интеграции, синоќа за телевизија Телма рече дека бугарските барања нема да донесат ништо добро и оти земјава, која е конструктивна и кооперативна да излезе во пресрет на своите соседи со конструктивни предлози, сега со барањата на Софија практично сега е притеснета во одредена крајност.
-Мора да останеме оптимисти до последен миг и да се надеваме дека бугарската Влада сепак ќе сфати дека е во интерес токму на Бугарија и на самата Европска Унија, преговорите со Македонија и Албанија да почнат оваа година, како што беше тоа и планирано, изјави Мајсторовиќ.
Изрази жалење што сме сведоци дека во процесот на проширување на Европската Унија, одредени држави сакаат на некој начин да остварат некакви свои билатерални, национални интереси и на тој начин да влијаат на динамиката на процесот на пристапување на одредени држави на ЕУ.
-Повторно, за жал, Македонија тоа многу драстично го доживеа во своето блиско минато и кога сите мислевме дека со решавањето на прашањето со Грција, конечно ќе и биде отворен патот на Македонија, да почне со пристапните преговори, Бугарија сосема неочекувано и по потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедски односи, излезе со одредени барања, кои навистина во овој миг, не можат да донесат ништо добро. Затоа што од една влада на Македонија, која е многу кооперативна и подготвена да излезе во пресрет на своите соседи со конструктивни предлози, практично сега е притеснета во одредена крајност, оценува Мајсторовиќ.
Изрази загриженост дека Бугарија не е единствена во овој процес, туку само е држава што многу јасно и гласно ги изрази своите резерви и постави одредени услови. -Но јас се плашам дека ситуацијата во Европската Унија е таква што многу повеќе држави членки, за жал, седат многу комотни зад бугарското барање, рече Мајсторовиќ.
Според него, постојат држави што во овој миг не се подготвени поактивно да се ангажираат во процесот на проширување на Европската Унија, затоа што сметаат дека ЕУ има свои проблеми.
-Тие се под притисокот на сопственото јавно мислење, кое пак под влијание на бројни популистички движења и политички партии, смета дека понатамошното ширење на ЕУ практично ќе доведе до осиромашување на нивните држави и до нови мигрантски бранови. Тоа секако е многу затегната теорија и многу повеќе наликува на теорија на заговор отколку што има темел на реалноста, вели српскиот аналитичар.
Претходно, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, истакна дека Бугарија продолжува да ја поддржува идејата за евроинтеграција на Западен Балкан, но таа поддршка не е безусловна и и не може да се реализира во случај на неисполнување на билатералните договори меѓу Бугарија и соодветните балкански држави.
Тој во Парламентот ги информираше бугарските пратеници за односите на реалција Скопје-Софија, за преговарачката рамка и за евентуалниот почеток на преговорите за членство во Европската Унија.
Каракачанов рече дека бугарската Влада се придржува кон Договорот за добрососедство и кон рамковната позиција, потврдена со декларацијата на Парламентот.
-Прво никој не извршил притисок врз бугарската Влада. Германското претседателство во моментов изрази став да биде посредник доколку е потребно, во разговорите меѓу двете страни. Не е извршен притисок врз бугарската Влада. Второ – во разговорите со претставници на РС Македонија, Бугарија ја потврди својата јасна позиција дека ние сме „за“ членство на Македонија во ЕУ, но сметаме дека Договорот од 1 август 2017 година не се имплементира, согласно неговите одредби, изјави Каракачанов. Според него пример за тоа е неефикасната работа на Заедничката македонско-бугарска комисија и објавите во македонските медиуми, кои како што посочи, содржат антибугарска реторика.
Според него, без надминување на говорот на омраза, без јасна ревизија на образовниот систем, изграден, како што тврди, на невистинити факти, не постои начин земјата да даде согласност за одржување на првата Меѓувладина конференција за почеток на преговорите за приклучување на Македонија во ЕУ.
Во вторник, на 17 ноември, треба да се одржи Седницата на советот на министри за надворешни работи, на која се очекува одлука за одржување на првата меѓувладина конференција.
Премиерот Зоран Заев овој четврток изјави дека се прават напори до последен момент да се најде решение, но, како што рече, за некои работи не се преговара никаде во светот, ниту кај нас, како што се идентитетот и јазикот. Тој повтори дека е можно да не се постигне решение за условувањата на Бугарија и да не се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ.