Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информира дека на фудбалските клубови им е доделена спортска опрема во вкупна вредност од 3 милиони денари.
На настанот во Општина Илинден, Стефковски учествувал заедно со претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омераѓиќ, градоначалниците Александар Георгиевски и Борче Митевски, како и претседателот на Регионалниот фудбалски сојуз – Еден Скопје, Дарко Костовски.
Како што посочува Стефковски, поддршката опфаќа фудбалски топки, тренерки, лаптоп-компјутери и друга спортска опрема, наменета за директна поддршка на фудбалските клубови.
Спортската опрема е наменета за ЖФК Ржаничино, ФК Фортуна, ФК Аеродром, ФК Марино, ФК Илинден, ФК Гоце Делчев, ФК Маџари Солидарност, ФК Долно Коњари и ФК Петровец.
„Веруваме дека вложувањето во спортот е вложување во младите, во здравите навики, во дисциплината и во иднината“, истакна Стефковски.
Тој додава дека поддршката за спортот не се ограничува само на опрема, туку паралелно се работи и на унапредување на спортската инфраструктура и создавање подобри услови за спортистите.
„Не застануваме тука! Продолжуваме со уште посилна поддршка за спортските клубови. Продолжуваме да вложуваме во спортот!“, порача градоначалникот на Гази Баба.
Стефковски во својата објава нагласи и дека Гази Баба продолжува да се позиционира како „најспортската општина во Македонија“.




