Во најновиот Извештај за човековите права од американскиот Стејт департментот се нотира дека тамошните власти продолжуваат да го кршат правото на слобода на здружување на групите на етничките Македонци во таа држава.
Ова не е прв извештај во кој тоа е забележано, но копретседателот на партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков во изјава за „Фокус“ вели дека проблемите на Македонците во оваа држава која е дел од ЕУ се повеќе го привлекуваат вниманието на светот.
– Извештајот ја одразува реалноста на континуирана дискриминација на македонското малцинство во Бугарија особено во областа на право на здружување и самоопределба на пописите. Нашите проблеми се повеќе го привлекуваат вниманието на светот и се надевам дека на крај бугарските власти ќе се засрамат и ќе започнат да ги почитуваат правата на своите ѓраѓани со македонски идентитет, вели Стојков.
Стејт департментот во извештајот вели дека властите продолжуваат да го негираат правото на слобода на здружување на групите на активистите на етничките Македонци како што се Обединетата македонска организација – Илинден, Друштвото на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, Здружението за одбрана на индивидуалните граѓански права и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај 14 претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите.
Натаму, во Извештајот во делот за Бугарија, се наведува дека државата има значителни проблеми со човековите права, сериозни проблеми со независноста на судството, корупција, нетолеранција и ограничувања на слободното изразување, вклучително и закани за насилство врз новинарите и корпоративен и политички притисок врз медиумите во земјата.
Извор: Фокус