Покрај езеро и без вода, во Преспа жителите страдаат поради вода за пиење – вака три децении гласеше реалноста што ја пренесуваа медиумите за Општина Пустец, напиша на фејсбук Васил Стерјовски, лидер на МАЕИ и кандидат за пратеник во албанскиот парламент.
Посочува дека како пратеник во претходниот состав на парламентот, што потекнува од Преспа, не молчел.
-Го користев секој можен инструмент – говори во албанското Собрание, настапи во парламентарни комисии, средби со албанските институции, заедно со градоначалникот на Пустец, Пали Колефски. Се боревме за решавање на проблемот со водата за пиење – за нашата Преспа, за секое село, за секоја фамилија. И успеавме, додава тој.
Потсетува дека во 2021 година, по 30 години чекање, Владата конечно го одобрила и финансирала проектот за водоснабдување и денес, сите населени места во Преспа имаат вода за пиење.
-Овој успех покажува колку е важно малцинствата и секој граѓанин да имаат свој искрен и посветен претставник. Преспа предолго беше застапувана од луѓе кои немаа ниту врска, ниту чувство за нашите проблеми, напиша Стерјовски.
Најавува дека неговата борба не застанува тука, туку ќе продолжи со сите сили.
-Како иден пратеник, ќе продолжам да се борам не само за Македонците од Преспа и цела Албанија, туку и за секој граѓанин на Округот Корча без разлика на етничка или верска припадност. Затоа што секој заслужува подобри услови за живот, сигурна инфраструктура, квалитетно образование и достоинствено застапување, наведува тој.
Се заблагодарува за досегашната поддршка и е убеден дека истата ќе продолжи.
-Време е повторно да имаме свој пратеник кој ќе продолжи да се бори – гласно, посветено и со љубов кон народот. Заедно можеме многу повеќе – за Преспа, за Округот Корча, за иднината, наведува тој.
Објавува и видеозапис со дел од неговите настапи, говори, средби и писма до албанските институции за решавање на проблемот за вода за пиење на Општина Пустец „доказ за тоа дека кога се сака, се може се“.
Стерјовски е на отворената листа за пратеници во ИЕ Корча, каде припаѓа и Мала Преспа и е единствен кандидат Македонец на изборните листи во сите 12 изборни единици.
Фото: Васил Стерјовски