Пратеникот од Македонска алјанса за европска нтеграција, МАЕИ, во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски денеска го актуелизира прашањето околу спроведувањето на одлуката на Парламентот за враќањето на традиционалните топоними во Мала Преспа.
Во обраќањето на денешната пленарна седница, Стерјовски потсети дека во 70-те години на минатиот век, Народното собрание на Албанија ги сменило имињата на селата во областа Преспа.
-По падот на комунизмот, жителите од македонската заедница во областа Преспа постојано се обидуваа да ги вратат македонските топоними на селата. Благодарение на преговорите на партијата Македонска алијанса за европска интеграција со парламентарните партии, во 2013 година албанското Собрание ја изгласа промената на името на општина Лиќенас во старото име општина Пустец, рече тој.
Додаде дека во 2013 година, со одлука на Советот на Општина Пустец и со одобрение на Префектурата Корча, се сменија и имињата на селата во областа Преспа, враќајќи ги традиционалните македонски имиња.
-Жителите реагираат дека иако поминаа осум години од промената на имињата на селата во општина Пустец, старите имиња не се променети во информативните табли, патната сигнализација, таблите на институциите итн., а и многу институции во официјалните документи сè уште ги користат старите имиња, посочи Стерјовски.
Поради тоа тој ги повика сите сите институциите кои имаат врска со Општина Пустец да го почитуваат законот и да ги користат променетите имиња на селата.